Мајка ѝ ја уценувала, сопругот Џовани Батиста Менегини крадел од неа, бродскиот магнат Аристотел Оназис бил насилен и ја напуштил за Џеки Кенеди. Сопранистката Марија Калас била обожувана од публика од целиот свет, но не успеала да најде љубов во приватниот живот, кој бил потрагичен отколку што се претпоставуваше до сега.
На 1 јуни излегува нова биографија од Линдзи Спенс, на која ѝ бил овозможен пристап до претходно необјавена преписка и други материјали, кои фрлаат светлина на маките на нејзиниот брак, насилството на кое била изложена од страна на Оназис, и сексуалното малтретирање од страна на директорот на еден од најпознатите светски конзерваториуми.
За својот брак со Менегини, Калас напишала: „Мажот ми се уште ме прогонува откако украде повеќе од половината од моите пари со тоа што стави сè на свое име откако сме земени. Бев будала што му верував“. Таа го опишува како некој кој се претставува како милионер, а притоа нема ни долар свои пари.
Едно од писмата се однесува на претседателот на престижното музичко училиште Џулијард во Њујорк, женет човек, кој го свртел факултетот против неа и со тоа ја спречил да се врати да предава, откако таму поминала еден семестар. Таа му пишала на својот кум: „Питер Менин се заљуби во мене. Нормално, бидејќи не го чувствував истото кон него, тој сега е против мене“.
Калас, родена во Њујорк во семејство на сиромашни грчки имигранти во 1923, беше една од најсаканите оперски певици. Нејзините изведби на „Тоска“ во Ковент Гарден се опишани како едни од најдобрите во историјата на операта.
Не помалку мрачни се и деталите околу најблиското семејство. Во текот на детството во Втората светска војна, мајката на Калас, која давала сексуални услуги на германските војници, ја терала и таа да го прави истото. Подоцна истата продавала приказни на медиумите и ја уценувала да молчи, плус емоционално ја уценувала. Во едно од писмата вели: „Знаеш ли што прават глумците со скромно потекло кога одеднаш ќе станат богати? Во првиот месец тие ги трошат заработените пари за да им направат дом на своите родители и да ги разгалат со секакви луксузи...Што имаш да кажеш на тоа, Марија?“ И татко ѝ не бил подобар, па еднаш и напишал писмо преправајќи се дека умира во болница за сиромашни, за да извлече пари. Всушност имал мала настинка.
Материјалот исто така фрла светлина на нејзината ривалка, сопранистката Рената Тебалди, чии гласови Калас ги опишала како подеднакво различни колку и шампањ и Кока-кола. Тебалди пак ја обвинила Калас за тоа дека е премногу егоистична и студена. Подоцна, Калас инсистирала дека всушност рекла коњак, а не Кока-кола.
Калас почина во 1977 на 53-годишна возраст. Страдала од невромускулно пореметување чии симптоми почнале уште во 1950-тите, а предизвикувале и често губење на нејзиниот глас. Починала сама во својот стан во Париз, после живот исполнет со слава, но и вистински трагедии.