Постоечките цртежи од тн. Катценклавир или Мачешко пијано, укажува на тоа дека инструментот требало да се состои од клавијатура, со седум до девет мачки држени во кафези, поставени на позиции кои одговарале на приближната висина на тонот на нивното мјаукање. Секоја од нивните опашки требало да биде растегната и врзана, а над нив да има клинец. Кога ќе се притисне конкретна типка, механизмот го забива клинецот во опашката, што резултира со дерење од сиротото животно. Ужасно, нели?
Ако е за утеха, овој „инструмент“ всушност никогаш не бил направен. Бил измислен во 17-тиот век од Атанасиус Кирхер, германски језуит, ренесансен ум кој работел на полето на медицината, ориенталните студии и геологијата. Катценклавир била една од неколкуте откачени машини кои тој тврдел дека ги измислил. Другите вклучувале автоматска статуа која можела да слуша и да зборува, перпетуум мобиле и тн. „Еолска харфа“, инструмент кој свири на ветер именуван по древниот грчки бог на ветерот.
Вистинската замислена намена на „апаратот“ со мачките бил да ги протресе пациентите кои страдале од психијатриски пореметувања, односно од „фиксирана“ состојба да ги внесе во таква која е свесна. Тие требало да седат така што директно да ги гледаат изразите на лица на мачките, додека психијатарот свирел фуга на пеколниот инструмент. Во модерниве времиња, има неколку „мачешки пијана“ во форма на апликации, иако за среќа тие не вклучуваат мачење на мачиња.
Катценклавир е инспирација и за анимацијата под исто име, со нарација на Ник Кејв.