36-годишниот Абрам Камераз во 1941 бил експерт за компири и еден од бројните ботаничари кои работеле во Институтот за растенија, првата светска банка на семиња, лоцирана на плоштадот Св. Исак во центарот на Ленинград (денешен Петерсбург). Идејата за ваков институт во тоа време била нова, а долгорочната вредност на ваков репозиториум на генетски растителен материјал допрва ќе биде разбрана.
Иницијатор бил познатиот научник и истражувач Николај Вавилов, кој во 1920-тите со своите помлади колеги почнал да патува низ светот и да собира ретки семиња, корења и други материјал кој го каталогизирал и конзервирал. Тука спаѓала и најголемата и најразновидна збирка на компири во историјата, со немерливо научно значење. Кога Вавилов го започнал проектот, колегите и јавноста го сметале за ексцентрично трошење на време и пари. Сепак, веќе во 1933, ботаничарите имале собрано најмалку 148.000 примероци.
Банката станала позната низ светот. Како што напишал новинар на Њујорк Тајмс истата таа година, тоа бил „жив музеј, без преседан кога станува збор за неговата комплетност“. Пионерската работа на Вавилов била меѓународно призната, и тој бил избран за член на Кралското друштво во Лондон. Но ова само го привлекло вниманието на Сталин, кој не сакал неговите научници многу-многу да соработуваат со странство. Вавилов „доброволно“ дал отказ од својата позиција на директор на банката. И ова се покажало недоволно, па во тек на експедиција на собирање семиња во Украина во август 1940, тој бил турнат во црн автомобил од четири агенти на НКВД, претходникот на КГБ. Бил затворен во Москва, каде минал низ мачни испитувања. На крај бил приморан да даде лажен исказ. На 9 јули 1941 бил осуден за шпионирање за британската влада и осуден на смрт (подоцна заменето со доживотна тешка робија).
Еден месец претходно, Германија извршила инвазија на СССР. По апсењето на Вавилов, голем дел од работата на банката ја презел доктор Николај Иванов. Кога непријателските авиони почнале да истураат бомби врз градот, целата збирка на која тој и неговите колеги го посветиле својот живот се нашла на патот на германската војска. На особено силен удар биле теренските станици вон градот, раководени од главната банка на семиња. Лабораториските техничари и работниците бегале, оставајќи ги зад себе насадите компири во саксии кои можеле да бидат лесно транспортирани, за да се овозможи подобар раст на различни видови навикнати на различни климатски услови.
Камераз, со поддршка на Иванов, одлучил да спаси што може да се спаси, носејќи ги билките во главната зграда, каде тие имале поголема шанса да преживеат. На ваков чекор тие се одлучиле кога сфатиле дека државата нема намера да им ја пружи ветената помош во евакуацијата, низ која веќе поминале уметничките дела од „Ермитаж“. Иако на 100-те вработени и на нивните семејства им било ветено дека со посебен воз, кој ќе ја содржи и колекцијата, ќе бидат префрлени во мал град близу Урал, тие наскоро сфатиле дека ќе стане збор само за 2 вагона во кој тешко дека би собрало 120 тони семиња. За да го зголемат бројот на семиња кои ќе можат да се евакуираат, се договориле секој патник да земе дел во својот рачен багаж, не повеќе од 2кг, но со избор од 100 различни видови.
Иванов, како главен за компирите, бил задолжен за нивно спасување. Во пластениците, среде вревата од бомби и пукање, тој ги проверувал насадите еден по еден и она што му изгледало доволно силно да го издржи пресадувањето го ставал во хартија, па во вреќа на рамо и назад кон Институтот. Кога пристигнал бил пречекан како херој, бидејќи германската војска до тој момент веќе ги зазела предградијата. Семињата биле поделени во подрумот на двете згради во склоп на институцијата, за ако една изгори или биде уништена, другата да остане.
Но ова било само почеток на проблемите. Дел од колегите сосе семињата успеале да избегаат, но поголемиот дел останале заробени во градот. Зимата 1941 била особено брутална, температурите почнале да паѓаат до -40. Непријателската војска била пред портите, но не брзала да навлезе - планот бил градот да се исцрпи до последните сили. Страшната опсада ги прегладнела жителите - се зголемиле кражбите на храна, а луѓето за да преживеат ловеле животни, па дури и почнале да јадат човечки остатоци. Исцрпените истражувачи на Институтот за физологија ги јаделе славните кучиња на Павлов, полицијата ги искасапила службените животни. На плоштадот веќе немало гулаби.
Но затоа имало илјадници глувци и стаорци, кои веќе не можеле да се хранат од остатоци од човечката храна, а немало ни мачки и кучиња за да ги плашат. Иванов и колегите ја штителе колекцијата со стапици, отров од арсен и поставување срча во близина на пакувањата од газа, кои им овозможувале на семињата да дишат и да не мувлосаат.
Тимот одлучил да ги префрли семињата во метални кутии, до кои глодарите потешко би продреле. Дале приоритет на збирката жито, чии семиња биле критични за производство на брашно во иднина. Потоа се обиделе да ги заштитат р'жот, овесот и јачменот. Следеле мешунките и зеленчуците. Семињата биле ставени во 100.000 метални кутии. Сето ова било направени во полутемница, во студени простории со искршени стакла. Кутиите биле распоредени низ 40 простории на објектот, кои потоа биле заклучени.
Но сега се појавил нов потенцијален проблем - дали можеби некој од колегите, избезумен од глад, би посегнал по семињата како храна? Ботаничарите почнале и да умираат од истоштеност. Во таква ситуација морале да дадат колективна заклетва, дека што и да се случи, нема да посегнат по семињата и нема да ја предадат својата работа од изминатите две децении, истовремено уништувајќи ја иднината на земјата.
Ова не им паднало тешко, затоа што според зборовите на оние кои преживеале - токму ваквиот идеал и заложба им давало сила да преживеат и во сето тоа да видат некаква смисла. Во ова не ги поколобала ни телеграма од директорот, кој во меѓувреме успеал да го напушти Ленинград, која гласела: „Не штедете ништо за да ги спасите луѓето“, а ги амнестирала од одговорност ако ги изедат илјадниците семиња кои можеле да ги одржат во живот барем неколку месеци. Одговорот, повторно преку телеграма, бил: „Сите наши напори се насочени кон зачувување на збирката. Другите прашања се второстепени“.
Приказната за Институтот на крај завршила трагично. Најмалку 19 вработени ги дале своите животи за да ја спасат збирката. Но истовремено, ова е триумфална приказна. Пролетта 1942, преживеаните научници помогнале да се организира масовната програма за опоравување на градот, каде секој метар јавна почва бил искористен за садење храна. Тие го обучувале градското население, кое не секогаш било искусно во земјоделие, како да размножуваат компири од никулци, од компирови „очи“, па дури и од лушпи.
До 1967, 40 милиони хектари руска земјоделска површина била засадена од семиња од институтската збирка. До 1979 оваа бројка била удвоена. Денес, 90% од семињата и насадите кои се чуваат во Институтот во Петерсбург ги нема во други збирки во светот.
По завршувањето на војната, британските научници Харланд и Дарлингтон напишале емотивен некролог за Вавилов. Но во него се велело дека неговите колеги при опсадата ги изеле сите семиња. Ова многу ги навредило и разгневило преживеаните ботаничари. Тие ги поканиле Британците да го посетат Ленинград и да се уверат самите дека тоа не е така. Кога пристигнал Дарлингтон, Иванов го прошетал низ мрачните ходници и во просториите кадешто била чувана збирката. Засрамен, овој се извинил. Никој во Англија, се правдал, не можел да верува дека збирката опстанала додека нејзините чувари и целиот град гладувал.