Ако не сте чуле за Хипотезата за фантомското време, ова е моментот кога конечно треба да ја дознаете добро криената вистина - дека во моментов не сме 21-ве, туку 18-ти век. Прв пат промовирана од германскиот историчар Хериберт Илиг во неговата сензационална книга „Измислениот среден век: најголемото лажирање на времето во историјата“, оваа теорија на заговор вели дека годините помеѓу 614 и 911 всушност никогаш не се случиле, туку биле фабрикувани од моќни членови на средовековната елита, пред сè папата Силвестер Втори и Ото Трети.
Тие двајца, веројатно во дослух со византискиот цар Константин Седми, го промениле средовековниот европски календар за да испадне дека нивните владеења се совпаѓаат со 1000-тата година, точно еден милениум по раѓањето на Исус. Просто така, округлата бројка им се бендисувала. Илиг тврди дека триото лажирало историски документи кои требало да ги пополнат овие „фантомски“ векови, измислувајќи сè што денес знаеме за овој период, од муслиманското освојување на Шпанија до животот на владетелот Карло Велики. Негови аргументи се сомнителниот недостаток на оригинални историски документи од раниот среден век, како и дискрапанците помеѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар.
Иако главно сметана за откачена и неточна, хипотезата за фантомското време има свои подржувачи. Еден од нив е Ханс-Урлих Нимиц, професор по хемија и поранешен раководител на одделот за историја на технологија на Универзитетот во Лајпциг. Во статија под наслов „Дали раниот среден век навистина постои“, прв пат објавена во 1995, тој се согласува дека „помеѓу антиката и ренесансата, историчарите бројат вишок од отприлика 300 години“.
Уште еден поддржувач е Анатолиј Фоменко, професор по математика на Московскиот универзитет. Неговата „русоцентрична“ варијанта оди уште подалеку од „евроцентричната“ на Илиг, тврдејќи дека човечката историја не почнала до 800-тите, и дека се што мислиме дека знаеме за Египет, Кина, Грција, па дури и Рим, е „фантомска рефлексија“ на настани кои се случиле во средниот век.
Како и во сите добри лаги, и во оваа има зрно вистина. Иако нема недостаток на примарни извори кои се однесуваат на Европа во текот на раниот среден век, повеќето од нив се копии направени подоцна, затоа што нивните оригинали почнале да бледнеат, или затоа што нивниот сопственик сакал да има уште еден примерок. Бидејќи оригиналите се загубиле или биле уништени, тешко е да се верификува точноста на овие копии.
Сепак, ова е само детал покрај куп други документи кои докажуваат дека фантомските векови навистина се случиле, како на пример артефактите од исламското златно доба, од предколумбиските Америки или од династијата Танг во Кина.