Во 2019 тим составен од тројца издал игра на популарната платформа Стим, како еден вид експеримент. Тие немале никаква амбиција тоа да стане нешто сериозно, но излегло дека она што таа го нуди - да им се помогне на непознати со пишување охрабрувачки писма и споделување грижи - на луѓето им е потребно подеднакво колку и игрици со пукање.
На платформата Стим „Љубезни зборови“ се продава за само 3.99 евра. Во описот се вели: „Игра за пишување фини писма на реални луѓе. Напишете и добијте охрабрувачки писма престојувајќи во пријатна соба. Разменувајте стикери и слушајте релаксирана музика. Сите сме заедно во ова. Понекогаш сè што ти треба се само неколку љубезни зборови“.
Главниот лик - вие - сте во топло обоена мала спална соба, седите на работна маса и добивате и испраќате писма. Тие не се долги, се состојат од неколку реченици, а се испраќаат преку симатичен ирвас.
Испраќачите се потпишуваат со иницијали, кои можеби и не се вистински, и го изложуваат проблемот што го имаат. Некој има страв од тоа да се замеша во голема толпа, друг е загрижен заради врска на дистанца, трет се консултира за сопственото лошо однесување. Секогаш кога ќе одговорите на некое од нив, можеби затоа што сте се идентификувале со ситуацијата или сакате да споделите совет и охрабрување, ирвасот ви заблагодарува: „Фала ти што оддели време да мислиш за некого што не го познаваш“. Писмата понекогаш стигнуваат и како авиончиња од хартија кои се отвораат на екранот
Дали е можно да постои социјална мрежа која не е доминантно за тролање и хејтање, туку за добро? Експериментот на креаторите на оваа игра се состоел токму во тоа. И иако мислеле дека нема да привлече повеќе од 2000 луѓе, и дека брзо ќе падне во заборав, од лансирањето на играта во 2019 до денес десетици илјади луѓе ја пробале и си ги отвориле срцата. А во тие срца има сè: лутина, збунетост, депресија, игривост, желба за дружба. Сите овие нешта дополнително акцентирани поради пандемијата.
Денес, „Кајнд вордс“ има над 5000 крајно позитивни критики на Стим. Ја добила наградата „Игра која не е само за забава БАФТА“ во 2020, а биле разменети милиони пораки помеѓу играчите. Некои луѓе играле стотици часови.
Иако може да изгледа како ескапизам, пишувањето и добивањето пораки од непознати е и чин на самоанализа, понекогаш и на откритие. Голем број играчи за прв пат јавно проговараат за нешто комплицирано во врска со себеси и сопствената животна ситуација. Десетилирањето на најголемите грижи во ограничен број карактери претставува значајна емоционална вежба. А особено ако на таа грижа е соодветно возвратено.
Сето ова не звучи како Фејсбук, Твитер, Редит, каде луѓето можат да бидат најлошите верзии од себеси. И не дека и тука, на „Љубезни зборови“, нема тролови. Но фактот дека праќањето писма не е јавно, туку може да го види само еден човек, го прави тролањето досадно и неатрактивно за трагачите по сеир и возбуда од истото. Креаторите на игрицата намерно ги избегнале најголемиот број квантитативни мерки кои се клучни за другите социјални мрежи. Исто така веќе нема банирање, бидејќи тоа само ги засилило реакциите на оние кои биле исклучени од играта. Се случувало и некој којшто почнал со пораки на омраза да омекне и да излезе дека тој самиот си има проблеми за кои не можел да зборува на друго место. Вистинското „тролање“ сочинува помалку од еден процент од целата дневна размена на пораки. Moжеби луѓето навистина можат да се поврзат онлајн на поинакви начини отколку со горчина?