Лимони, скорбут и потеклото на сицилијанската мафија

По своето прво појавување на Сицилија во 1870-тите, мафијата бргу се инфилтрирала во економските и политичките сфери на Италија и САД. Една од теориите за нејзината појава има врска со - цитрусно овошје.

И покрај купот докази за активностите на мафијата, и во реалниот живот и во фикцијата во текот на минатите 140 години, причините за нејзиното појавување сè уште не се баш јасни. Академските анализи се фокусираат на слабата државна легислатива, особено на онаа поврзана со имотните права, што направило луѓето во поизолираните средини да ги земат нештата во свои раце. Други сугерираат дека наследството на феудализмот бил значаен двигател, заедно со развојот на латифундизмот (систем според кој во земјоделието доминираат големите имотосопственици) и губитокот на јавна доверба во властите - во тој период шпанските Бурбони, кои биле и туѓи и опресивни. 

Сите овие теории нудат веројатни објаснувања, но не успеваат да ги објаснат значајните разлики во растот на криминалната организација во различни области внатре сицилијанскиот регион, особено имајќи предвид дека тие минувале низ исти социо-економски услови.

Во 2017 во Списанието за економска историја на Кембриџ Јуниверзити Прес излегува текст под наслов „Потеклото на сицилијанската мафија: пазарот за лимони“. Авторите се фокусираат на локалните економски прилики во земјоделскиот сектор. Нивниот заклучок е дека консолидирањето на мафијата е многу силно поврзано со побарувачката на лимони од 1800-тата, во момент кога шкотскиот воен доктор Џејмс Линд открил дека тие можат да превенираат скорбут.

Сицилија во тоа време веќе имала доминантна позиција на меѓународниот пазар на цитруси, па зголемената побарувачка истата само ја засилила. Лимоновите дрва можеле да бидат одгледувани само во области со специфични услови (умерена и постојана температура преку годината и големо количество вода), и ова гарантирало голем профит за релативно мал број производители чии имоти се наоѓале токму во таквите региони.

Комбинацијата на високи профити, слаба правна држава, ниско ниво на доверба и широко распространета сиромаштија ги направила производителите цел на криминалците. Ниту Бурбоните, ниту новоформираната власт по италијанската независност од 1861 не биле во состојба да ги заштитат приватните имотни права. Така, фармерите морале да најмат приватно обезбедување, за да се заштитат од кражби и да воспостават комуникација помеѓу трговците и извозниците на пристаништата.

За прв човек кој бил прогонуван од мафијата на Сицилија се смета извесен доктор Галати, кој зад себе оставил и мемоар. Неговите обиди да го избрка чуварот на имотот, „човек од чест“ (мафиозо) кој бил поврзан со цел синџир „колеги“, завршил со пукање врз двајцата нововработени. Првиот починал на самото место, а вториот откако се опоравил сакал-нејќел морал да премине на другата страна. Галати кој повеќе од 25 години вложувал во бизнисот со цитруси во оласта, избегал во Наполи од каде го пријавил случајот во Министерството за внатрешни во Рим. Ги известил властите дека од 800 луѓе кои живееле во неговото место Удиторе, само во една година, 1874, имало 23 убиства, вклучително на две жени и две деца. Уште десет луѓе биле ранети. Поголемите имоти биле приморани да плаќаат заштита од рекетари, со што се формирале мини картели, кои или просто краделе од имотите или набавувале производи по многу ниски цени. 

Пријавите на Галати, заедно со оригиналните писма со закани кои ги добивал, мистериозно исчезнувале. Но во неговите спомени се запишани голем број карактеристики на мафијата кои подоцна ќе станат нивен заштитен знак, како на пример иницијацискиот ритуал на нејзините членови. За некој да влезе во редовите на мафијата требало да има веќе извршено убиство или друг вид тешко дело. Еден од присутните шефови му ја сечел раката на иницијантот и му велел да ја размачка крвта на икона, најчесто на локалниот светец или на Богородица. Потоа се давала заклетва а иконата била горена, симболизирајќи го уништувањето на предавниците (оние што ја гледале Сопранови се сеќаваат на идентичната процедура при примањето на Кристофер во друштвото).

Сицилијанската мафија имала скромни почетоци, поврзани со земјата. Бумот на цитрусни овошки се погодил во вистинско време за некои од поагресивните поединци на островот да го искористат беззаконието и да се наметнат како силни играчи. Останатото, како што велат, е историја. 

извор

21 март 2023 - 07:37