Ластовичaрање или пролетно „коледарење“

Во голем број култури, доаѓањето на пролетта се прославува со песни, обичаи и симболични ритуали. Во Грција, еден од најстарите такви обичаи се тн. „ластовичји песни“ - детска традиција што го најавува враќањето на ластовицата и обновувањето на природата. 

Ластовичјите песни (chelidonisma) се една од најстарите живи музички традиции во Грција. Уште во античко време, на првиот ден од пролетта, деца оделе од куќа до куќа, пееле песни за доаѓањето на ластовицата и барале мали подароци. Овој обичај не исчезнал со вековите. Напротив, се одржал од античкиот период, преку средниот век, па сè до денес. И денес во некои делови од Грција деца пеат вакви песни, често носејќи хартиени или дрвени ластовици како симбол на пролетта. 

Песните се разликуваат по текст и мелодија во различни региони, но сите ја слават пролетта и враќањето на птицата како носител на убаво време и плодна година. Во минатото, во некои заедници пееле само момчиња, додека денес учествуваат и девојчиња.

Oвие песни се поврзани со антички обичаи за почетокот на годината, кој некогаш се славел на 1 март. Ова се сочувало и во имињата на месеците - на пример декември според тој календар бил десетти месец, па затоа и се вика така („дека“ = десет). Иако подоцна Римјаните го вовеле 1 јануари како Нова година, Грците и Византијците продолжиле да ја слават пролетта како нов почеток. Така, паганските обичаи, како ластовичјите песни, опстанале и во христијанскиот период.

Ластовицата има силна симболика – таа претставува љубов, верност, дом, среќа и обновување. Затоа нејзиното доаѓање се доживува како радосен знак за крај на зимата. Во некои традиции, децата носеле украсени „кафези“ со дрвена ластовица или едноставни фигури на стап, а добивале подароци како храна. Делеле и црвено-бели конци (по наше - мартинки), кои се носеле како заштита и симбол на пролетта, а подоцна се оставаат за ластовиците да ги искористат за гнезда.

Овој обичај е редок пример за континуитет на народна музика од античка Грција до денес и нуди увид во детството и секојдневието во минатото. Иако денес не е многу распространет, постојат обиди за негово оживување преку културни настани и образовни активности.

25 март 2026 - 16:09