„Легендата за лапот“ е дипломски труд на Горан Паскаљевиќ од 1972, сниман за Застава филм во траење од 27 минути. Иако е игран, него денес би го нарекле „исцениран документарец“ бидејќи симулира обред во сите негови фази, без зборување.
Лапот е термин кој се уште постои во селата на југоисточна Србија и означува убивање на најстариот член на семејството откако тој ќе престане да биде продуктивен, односно кога станува товар за семејството. Едноставно, во отсуство на ресурси - после лоша жетва, поради војна или како сега, епидемија - без многу емоции туку со еден крајно прагматичен пристап, семејството организира обредна еутаназија, која не мора да се однесува само на најстарите, туку и на изнемоштените или хендикепираните. Сепак, Паскаљевиќ бил многу внимателен во конципирањето на самиот наслов, кој упатува на тоа дека не станува збор за постоечки обичај, туку за легенда за истиот.
Оваа навидум мала но многу битна разлика долго време била пропуштана во некогашната југословенска и српска етнологија, па обичајот „лапот“ е третиран како буквален. Taка, во текст под наслов „Лапот и проклетије код Срба“, објавен во белградското списание Искра од 1898, Сима Тројановиќ вели:
„Во источните краишта на Србија, и денес постои посебен израз за убивање старци. Тоа е лапот. Изнемоштените и од годините истоштени родители ги убивале нивните сопствени деца. Во искоренувањето на овој ѕверски обичај помогнала само верата, кога христијанството сосема одлучно го забранило таквото осквернавување“.
Ваков мотив се среќава и во македонскиот фолклор, како во приказната забележана од Јозеф Обрембски во Порече, под наслов „Убивање на стариот“. Според неа некогаш старите ги колеле, но на еден син му било жал да го убие татка си па го скрил во визба. Во еден момент царот го собрал народот и побарал да му се направи јаже од песок, заканувајќи се дека во спротивно сите ќе ги убие. Синот немајќи решение отишол да се прости со татка си, но овој му дал добар совет - да побара од царот урнек за јажето. Царот познал дека ваквото лукавство не го смислил самиот син. Откако сфатил дека се работи за совет даден од таткото тој рекол: „Ете, како требет старите.“
Речиси иста приказна има и во збирката на Цепенков под наслов „Кога ги колеле старите луѓе од седумдесет и пет години“. Во неа синот наместо да го убие таткото прошетал низ чаршијата намачкан со крв од јагне, лажејќи дека го убил. Подоцна добивал добри совети од него и станал коџобашија. Царот се посомневал дека некој стар човек го подучува, па како открил дека се работи за таткото го повикал да дојде на дворот. Потоа не само што него го простил ами сите старци. „И оттогај досега еве кај не се колат старите луѓе, чунки потребуат за зло час да се допрашаат луѓето од нив за ум да купат“, завршува приказната.
Во 1999 излегува книга на тогаш младиот српски етнолог Бојан Јовановиќ, „Тајна лапота“ во која тој крајно критички ја преиспитува традицијата на толкување на овој обичај како вистински, и сугерира дека станува збор за приказна со поучна и митолошка содржина која сосема обратно од промовирање на ваквиот однос кон старите, всушност го превенира. Луѓето од минатото можеби биле примитивни и „ѕверови“ но ние сме поинакви, вели таа. Истовремено укажува на сепак неминовната смена на генерации во која новите симболички ги убиваат постарите, преземајќи им ја власта во семејството и во заедницата која почива(ла) на принципот на сениорат, односно на старост. Истата матрица се среќава и во култури многу далечни од балканската (на пример јапонската, онака како што оваа легенда е прикажана во филмот „Балада за Нарајама“).
Придонесот на Паскаљевиќ во далечната 1972 со својот филм е што го привлекува вниманието на пошироката јавност која можеби никогаш не слушнала за оваа легенда. Филмот е сниман во селата Плужина и Луково, а главна улога ја има селанецот Светислав Тиса Раденковиќ, кој бил образован и зборувал неколку јазици бидејќи бил на печалба во Франција и Германија. Кога барале актер никој од селаните не сакал да прифати, но кога слушнале дека на Тиса му биле исплатени 100.000 тогашни динари тогаш сите барале да бидат вклучени во некој иден проект.
Еве го филмот во кој убивањето на стариот се врши со каменување, иако во некои верзии на легендата, тоа се прави со удирање со секира по главата на стариот врз која има ставено обредна погача, и тоа се прави на само во шума. Веројатно поради поголем драмски ефект во филмот во обредот учествуваат педесетина мажи.