Во текот на 1940-тите Алфред Хичкок имал низа на филмови кои подоцна ќе влезат во историјата на хоророт и психолошкиот трилер како жанр, како „Ребека“ или „Сенка на сомнежот“. За првиот добил и Оскар за најдобар филм. Сепак, 1950-тите бил неговиот најплоден период, со „Туѓинци на возот“, „Вертиго“ и „Север-северозапад“.
Ова кулминирало со „Психо“ од 1960, кој бил фален од критичарите поради својот пионерски стил, неочекуваните пресврти во заплетот и кинематографија која гради неизвесност.
Иако холивудските филмови во овој период биле вообичаено снимани во боја, Хичкок се одлучил да го направи „Психо“ во црно-бело. Иако првата помисла би била дека ова било направено од уметнички побуди, всушност парите биле главен фактор. Режисерот се мачел да собере средства за адаптација на истоимениот роман на Роберт Блох, па за да ги скрати трошоците се одлучил за оваа варијанта. Со буџет од само 800.000 долари, тој исто така одлучил да ја реупотреби екипата која ја имал собрано за ТВ шоуто „Алфред Хичкок претставува“, што скратило на администрација.
Сепак, имало уште една причина. Хичкок се плашел дека современата публика би можела да реагира на брутални сцени на убиство доколку тие се пренесени во боја, што би додало на нивната реалистичност. Овој негов превентивен чекор се покажал како непотребен и неуспешен, бидејќи сцената во која Норман Бејтс ја убива Марион под туш, без оглед на бојата, била пречекана со голем шок и контроверзност. „Крвта“ во сцената била чоколаден сируп, што во монохром оставало поголем впечаток од некаков сируп од малини. А веројатно било и поевтино.
Режисерот изјавил дека на филмот гледал како на „голема шала“, и наводно бил затечен што некои луѓе го сфатиле сериозно. Неговата намера била луѓето да врескаат од возбуда, „како на ролер-костер“, но не премногу, за кога ќе се симнат од него сепак да имаат задоволна насмевка.