Нова книга под наслов „Круговите на Берлин 1936“ на Тамара Малешев ја раскажува приказната за тоа како дошло до тоа на свеченото отворање на 11-тите Олимписки игри во Берлин, на 1 август 1936, спортските претставници на Кралството Југославија да не се придржуваат до протоколот и да не кренат рака со фашистички поздрав кон тогашниот канцелар, Адолф Хитлер.
Авторката и самата е некогашна атлетичарка, член на југословенскиот атлетски тим, рекордерка на Југославија во три олимписки дисциплини, шампионка на Медитеранот и на Балканот во скок во далечина, а на Олимписките игри од 1992 била во таканаречената „бела екипа“ (Независни олимписки учесници) бидејќи Сојузна Република Југославија тогаш немала право на натпреварување поради меѓународните санкции. Сега живее во Кливленд, САД.
Во интервју за белградско „Време“ таа објаснува зошто овој храбар чин на нејзините колеги од таа 1936 денес е заборавен. Го премолчале политичарите но и хроничарите на спортската историја. Олимписките игри во Берлин во 1936 тогаш ја имале целосната поддршка на официјалната државна политика иако постоеле идеи тие да се бојкотираат. Воочи нивниот почеток биле објавени дури стотина потписи на тогаш познати спортисти кои го поддржале текстот на новинарот Владимир Дедиер во весникот Политика „против духот на идната Олимпијада“. Помеѓу потписниците биле тогаш популарниот атлетичар Драгош Стевановиќ, фудбалерот Милутин Ивковиќ Милутинац, а во пишувањето на текстот наводно учествувал и Иво Лола Рибар.
До средината на 1950-тите имињата на атлетичарите „дисиденти“ останале анонимни на таблиците со државни рекорди, каде стоел само резултатот и годината на поставување, но не и името на спортистот, што подоцна е корегирано. Авторката користела статии објавени во периодот пред Втората светска војна во тогашните југословенски весници и списанија. Од Хрватска ги добила предвоените оригинални копии на „Илустрирани спортски новости“ и списанието „Свет“. Помогнале и светските архиви, но и семејните албуми на јунаците на нејзината книга. Постојат и автобиографиии на Ване Ивановиќ и Алекса Ковачевиќ, кои биле дел од тимот, како и семејни записи од наследниците кои се расеани низ светот.
Секој од спортистите бил член на Соколското движење, државен проект кој бил поддржуван од власта, војската, па и од самиот крал Караѓогевиќ. По професија главно биле работници, службеници и интелектуалци населени по градовите на Кралството Југославија. Некои од нив одлучиле да не кренат рака за поздрав кон Хитлер затоа што тоа го сметале како поддршка на ароганцијата на домаќинот. Други биле не само натпреварувачи, туку и политички освестени млади луѓе, способни да го раздвојат спортот и витешкото натпреварување од политичката пропаганда, особено агресивната каква што била онаа на нацистичка Германија.
Иако можеби некој од групата негодувал, на сочуваните фотографии се гледа дека сите го поздравуваат Адолфа само со спуштање на знамето, како што тоа се прави во војска и со поглед на спротивната страна. Од 93 Југословени колку што вкупно настапиле на Играта, во дефилето на нациите Југославија ја претставувале 55 души. Југословенското знаме гордо го носел атлетскиот рекордер во фрлање кладиво Милан Степишник, а зад него го следеле останатите.
Бојкотот го иницирале Иван Ване Ивановиќ, првак и рекордер на Југославија во трчање на 110 и 400 метри со пречки и Јован Микиќ, млад правник, шампион и рекордер во троскок и десетобој. Двајцата со уште неколку момчиња од други екипи биле изнервирани од еден филм за големината на германската воена сила и за вештината на уништување на непријателот. Во текот на проекциите тие гласно негодувале, па прикажувањето е прекинато. Избегнат е скандал, но тоа не ги смирило натпреварувачите. Напротив, им дало идеја да се обидат да го бојкотираат таканаречениот олимписки поздрав кон свечената ложа, кој „неодоливо личел“ на нацистичкиот. Лобирањето не се случувало само во рамки на југословенската екипа туку и помеѓу колегите од други држави - Ване го обработувал „западот“ (преку пријател шампион на Аргентина и Јужна Америка), а Микиќ Европа.
Бојкотот не влијаел врз резултатите на југословенските спортисти, а генералниот став на организаторите кон нивниот храбар чин бил истиот да се игнорира, како да не се случил. Токму таков, игнориран, бил и долго време потоа, а оваа нова книга има за цел да го смени тоа.