Годината е 1896, и како и поголемиот дел на САД во тоа време, во Тексас владее тешка економска криза. Работните места кои носат макар скромен приход се ретки, па луѓето мораат да се борат да ги задржат.
Еден од нив е Вилијам Џорџ Краш, патнички агент за железничката линија Мисури-Канзас-Тексас (нагалено позната како „Кејти“), кој во ситуација во која луѓето сè поретко патуваат ако баш немаат голема потреба, мора да смисли креативна „кампања“ за привлекување патници.
Неговото решение: земи две локомотиви, постави ги на ист колосек свртени една кон друга, и пушти ги да се судрат. Наплати билети за сведочење на настанот.
И покрај економската криза, ова е време кога железницата е веќе етаблирана и доминантна економска сила, за која се знае дека има иднина. Ова значи дека е и високо компетитивна, па ваквиот ексцентричен потег на Краш во таа смисла е разбирлив - тој сакал нешто што навистина ќе го издвои од останатите.
Негова единствена грижа било дали бојлерите, односно цистерните со врела вода на возовите ќе експлодираат при судирот. Сите инженери кои биле консултирани, освен еден, рекле дека нема да дојде до тоа. Тоа било доволно за членовите на бордот на железницата и за Краш. Наскоро весниците почнале да известуваат за шоуто и во другите американски држави, биле лепени флаери долж пругата кои нуделе повратен билет од 2 долара кој ќе овозможи и сведочење на спектаклот.
За сето тоа да биде како во денешните реални шоу програми, за потребите на шоуто бил формиран и фиктивен град кој го носел името по ингениозниот Краш. „Креш ат Краш“ било мотото на настанот, кој на 16 септември 1896 привлекол дури 40.000 луѓе. На 5-километарскиот огранок од постоечката железница биле поставени две локомотиви, една спроти друга. Едната од 35 тона, локомотива број 999, со светло зелена каросерија и црвена трака. Од другата страна, иста таква 35-тонска локомитива, број 1001, со обратни бои. На секоја локомотива биле закачени по 6 вагони.
За гледачите Краш подигнал висока платформа, секако со посебни ложи за важните личности. Имало ресторан, штандови со лимонада, карневал и други игри. Атмосферата била весела, до моментот кога се случило нешто што речиси никој не го очекувал.
Точно во 4 попладне возовите почнале да брефтаат. Машиновозачите наскоро ги забрзале на 80 километри на час, приближувајќи се едни на други. Секако, биле подготвени на судир и на извесни повреди, но не и на она што навистина се случило.
Локомотивите биле толку тешки што кога се судриле, така забрзани, бојлерите навистина експлодирале, расфрлајќи шрапнели насекаде наоколу. Најмалку двајца починале, еден фотограф ослепел на едното око а главата му била полна со штрафови и парчиња железо. Во сиот хаос на повици за помош, чад и железа кои летаат насекаде, луѓето сепак не бегале, туку напротив - почнале да трчаат кон местото за да собираат сувенири кои им ги гореле рацете. Да имало мобилни сигурно ќе правеле и селфиња.
Краш веднаш бил отпуштен, но реакциите на јавноста не биле толку остри колку што очекувале, а бизнисот после ова тргнал напред. Минало малку време, и тој бил повторно вратен на работа. Што се две жртви и малку паника за забрзување на развојот на капитализмот?
Се верува дека познатиот регтајм музичар Скот Џоплин бил присутен на местото, бидејќи го регистирал настанот во песната од истата таа 1896-та, „Маршот на големиот судир кај Краш“.