Еден цвеќарско-семантички проект развиен од Original Content London - експериментално креативно студио, има за цел да го претвори испраќањето цвеќиња во комуникациски систем. Се состои од сајт каде може да си одберете каква порака да испратите, да направите нарачка на цвеќињата, или да видите што значи букетот кој сте го добиле. Во план е и книга која детално ги одгатнува „кодовите" за секоја комбинација, раскажувајќи некаква фиктивна, борхесовска приказна за потеклото на целиот систем. Таа е во луксузен кожен повез, но засега од неа засега има само еден примерок - креаторите на проектот се во потрага по издавач.
„Мејлови, смс пораки, твитови..ние сме култура на испраќање пораки, нурната во бесконечна поплава од комуникации. Сепак понекогаш ни фалат зборови. Овој систем ви олеснува да го кажете она за кое ви е тешко да го изговорите", се вели на сајтот на фирмата. Целата идеја започнала скромно минатиот Валентајн, но од оваа година веќе постои мрежа во повеќе британски градови каде можете да испратите или да примите букет со „тајна порака".
Секако, практиката да се придава значење на одредени видови и бои на цвеќиња е стара со векови - црвена ружа за љубов, жолта за љубомора, крин за изразување сочуство се некои од популарните толкувања. Истото верување во симболиката на цвеќињата сега се збогатува со цели изрази, со изнијансирани чувства, како „Ааааааа", „Не е до тебе, до мене е, „Пијачка?", „Како можеше?", „Не е како што изгледа" или „Глеј си своја работа". За сите можеме да смислиме среќни добитници. А и уште покреативни пораки.