Некои од најраните јавни места наменети специфично за деца се појавиле во средината на 19 век. Во Британија првите паркови во Манчестер и Салфорд вклучувале гимнастичка опрема, промовирајќи грижа за здравјето. Имало разлика помеѓу делот за девојчиња и оној за момчиња, со тоа што во вториот имало по „опасни“ нешта, како јажиња и скали, додека женските биле поттикнувани повеќе да ги користат клацкалките или да играат варијанта на наша „школка“.
Сепак, овие локации биле на маргините на парковите за да не ја расипуваат глетката кон живописниот пејзаж или да не ги вознемируваат господата кои пешачеле, истовремено размислувајќи за значајни прашања. Дури и вклученоста на Чарлс Дикенс во Здружение за игралишта во Лондон не било доволно за да го обезбеди неговиот успех - тоа постоело само неколку години и потоа се расформирало.
Но во доцниот 19 век нештата почнале да се менуваат. Новоформираното Здружение за јавни градини, булевари и игралишта на метрополата (Лондон), воспоставено во 1880, создало голем број детски градини, во кои исто така имало спортски реквизити, но чија првична цел било тие да се поврзат со природата - растенијата и цвеќињата. Се сметало дека ваквите места ќе обезбедат сиромашните деца да пораснат во јаки возрасни, кои ќе ѝ служат на Британската империја како работници дома, а како војници во туѓина. Ваквите место вградувале конзервативни општествени вредности, сегрегирајќи ги игралиштата според возраст и пол и лоцирајќи ги во најсиромашните соседства.
Ова го променил филантропот и индустријалист Чарлс Викстид, кој инспириран од порадикално градско планирање и прогресивно образование, создал цело предградие кое изгледало како комбинација на јавен парк и игралиште, во неговиот роден град Кетеринг. Тука можеле заедно да се забавуваат и децата и нивните родители, и да се промовираат идеите за слобода и задоволство. Ова е веќе време на луна парковите, па во овој имало и такви реквизити, како панорамски тркала или рингишпили. До доцните 1930-ти компанијата на Викстид имала инсталирано над 4000 вакви богато опремени игралишта.
Но во текот на истиот тој 21 век, особено по Втората светска војна, понале дебати помеѓу активистите за благосостојба на децата, дизајнерите на јавни простори и оние кои ги давале парите за нив. Во сето ова се замешале и истражувачите, како Јона и Питер Опи, познати фолклористи кои поминале шест децении набљудувајќи, регистрирајќи и објавувајќи ги секојдневните искуства на децата од 1950-1990-тите. Тие сметале дека самиот облик и содржина на игралиштето не е воопшто релевантно за детската игра, бидејќи децата според нив се совршено способни да си ги организираат игрите и да се прилагодат на голем опсег околини. Игралиштето било всушност само едно од многуте места каде децата можат да го минат своето време во градот - како што возрасните одат во локалната кафана да се социјализираат, така и децата биле (и се) носени на игралиште за и тие, и нивните родители, да скршат збор-два со други луѓе и да влезат во интеракција со нив, физичката околина и организираниот простор, кој и не мора да биде баш толку организиран.
Сепак, ова и не е баш толку едноставно во урбани контексти каде забрзаниот развој создава простори кои се не неутрални, туку непријателски настроени кон децата и ризични за нивниот престој. Ова особено станало актуелно со развојот на автомобилската индустрија која добила предност пред детската игра и другите активности кои подразбирале физички престој на децата и на возрасните на улица. И денес, игралиштата се обиколени со високи огради и изгледаат како оази среде урбаниот хаос, но нивниот број и ограничен простор не се ни најмалку доволни за исполнување на чувството на слобода кое го промовирал Викстид со неговите игралишта и паркови.