Ново истражување објавено во списанието Journal of Experimental Psychology: General под наслов „Кратенки до неискреност: текстуалното“ е резултат на осум експерименти со повеќе од 5300 учесници и со користење на различни методи. Сите тие довеле до заклучок дека поединците кои користат текстуални кратенки биле доживувани како понеискрени и поретко поттикнувале другата страна да се заинтересира за разговорот.
Во секојдневните интеракции често наидуваме на луѓе кои можат да се сметаат за „добри текстери“ (добри пишувачи на чет или смс пораки) или обратно. Најчесто за оние кои пишуваат нпр за „на пример“, „нз“ за не знам или „скс“ за сакаш ли (ова нам ни е ново) мислиме дека или тоа го прават од брзање или за да доловат неформално чувство на блискост. Но и самите истражувачи биле изненадени дека тие поттикнуваат негативни чувства кај примателите.
Експериментите вклучувале анализа на одговори во Дискорд групи на чет корисници и на дејтинг апликацијата Тиндер со податоци од 37 земји. Имало и такви во коишто учесниците требало да ги оценат текстуалните разговори со луѓе кои користеле, односно не користеле кратенки.
Оние кои користеле кратенки добивале и пократки по мал број одговори. Исто така поретко добивале контакт информации од соговорникот. Ова важи дури и за помлади луѓе кои почесто користат кратенки, но сепак се покажало дека кога ги добиваат ги оценуваат негативно.
Наодите сепак се релевантни кога станува збор за почеток на познанство, кога треба да се остави добар впечаток. Кога со некого се познавате доволно долго и си имате кажано сè, тогаш мж д пшвте и вка.