Aвторот на книгата, Марко Алексиќ, по професија е археолог и се занимава со средовековна археологија и историја, а во српските академски кругови важи и за еден од најголемите познавачи на средовековни мечеви. Неговата претходна книга „Средовековните мечеви во Југоисточна Европа" е објавена на англиски во 2007. Но освен стручни текстови тој пишува и научно-популарни, и тоа за Политикин забавник и за емисијата „Добро утро деца" на Радио Белград.
Не дека и до сега фолклористите, етнолозите и историчарите не му имаат посветено внимание на Крале Марко, но тие главно се занимавале со митологијата којашто го опкружува, чии општествени, па дури и политички аспекти се секако значајни. Но последицата на ова е што Марко се доживува исклучиво како книжевен лик, без јасно место во историјата. Она што Алексиќ го покажува е дека јазот помеѓу митското и историското и не е толку голем, и дека Марко бил навистина и јунак, и витез каков што го знаеме од народните песни.
Она што е интересно за нас е што едно од клучните места во книгата на Алексиќ се однесува на фреската во с. Сушица близу Скопје, во црквата св. Димитрија (попозната како Марков манастир), која ја започнал Вукашин а ја довршил самиот Марко во 1377. Во шеесетите на минатиот век под слој вар на влезот е откриена слика на свет воин, односно на самиот Св. Димитрија. Според Алексиќ токму таа фреска станала модел за народната претстава за Марко Крале, а не неговиот реалистичен портрет, со одлучен и многу строг израз на лицето, кој е сочуван во внатрешноста на црквата. Сите следни иконграфски претстави на Марко се токму такви, на шарен (а не на бел) коњ, со боздоган а не со меч, што би било историски поавтентично. Ако е ова точно, тогаш се работи за редок случај кога визуелна претстава има покренато толкава колективна имагинација.
Истовремено, Алексиќ оди спроти досега преовладувачката теза, дека Марко бил турски вазал. Тој според него најголемиот дел од своето владеење го минал успешно бранејќи ја слободата и самостојноста на својата држава. Станал вазал дури кога сите околни христијански владетели станале вазали, и кога тоа бил единствениот начин тој да му помогне на својот народ.
Не недостасуваат и податоци за неговиот приватен живот - се женел најмалку три пати, што е речиси незабележан преседан во средниот век, и тоа два пати со една иста жена. Бидејќи книгата детално го следи и животот на неговата жена Јелена, таа се обидува да осветли и други прашања, како што е на пример положбата на жената во средновековието.
Митскиот лик на Марко пак е рефлексија на сето она што голем број генерации замислувале дека треба да биде нивен супер-херој - спој на пагански јунаци на древна Европа со европските витези, кој и покрај тоа што има неверојатна сила и е неумерен во пиењето и љубењето сепак го почитува законот и ги штити слабите.
Книгата е опремена и со голем број илустрации и мапи, и иако претставува научна студија сепак е пишувана на многу јасен и неакадемски стил, што според Алексиќ има за цел да биде лек против лаичките митомански проекции и јаловото удирање во гради.
Извор (со претплата): Време