Во најновото издание на хрватскиот квиз „Милионер“ се појави прашање кое инаку прилично информираната учесничка не го знаеше - од која институција цели пет години Александар Милес изнесувал скапоцени ракописи? Одговорот беше Народната и универзитетската библиотека во Загреб, а целиот настан бил наречен „грабеж на столетието“.
Љубопитни за повеќе детали, навлеговме во приказната, онака како што ја пренесувале хрватските медиуми во 1990-тите. Кражбите за коишто станува збор ги вршела трочлена група на чие чело бил спомнатиот Александар, син на угледен хрватски новинар, Константин Милес, кој телефонски правел интервјуа со милијардери како Гети или писатели како Артур Милер. Неговата ќерка (сестра на Александар), Маја Милес, била прва женска ѕвезда на хрватското новинарство, која во 80-тите се занимавала со црна хроника, тогаш револуционерен жанр. Без влакна на перото пишувала за корупцијата во судството, полицијата и останатите поими на тогашната држава. На врв на кариерата извршила самоубиство (хм..), а нејзиниот случај го опишала Славенка Дракулиќ во книгата „Како го преживеавме комунизмот, па уште и се смеевме“.
Во времето на првите кражби на книги Александар има само 18 години. За џепарлак се занимавал со разни физички работи, меѓу другото чистење подруми и тавани, па таму често наоѓал стари книги кои ги собирал а потоа ги продавал на Цветни трг во Загреб. Со уште двајца соработници, еден студент а другиот готвач, во 1982 почнале систематско празнење на Националната и универзитетска библиотека, така што дење ја посетувале како регистрирани членови за да ги одберат своите книжевни жртви, а потоа во објектот влегувале ноќе.
Украдените книги ги продавале најпрвин во Австрија, но со текот на времето создале мрежа на сопственици на антикварници, трговци на книги и колекционери кои богато го наградувале нивниот плен - скапоцени книги од историјата на Хрватска, оригинални и ретки ракописи (на пример книга на полски астроном од 17 век, оригинали напишани од раката на хрватскиот драматург од Марин Држиќ од 16 век, итн.). Се проценува дека од 1982 до 1987 на овој начин биле заработени неколку милиони евра. За да не биде сомнително од каде му се парите, Милес вложил во тогаш успешна видеотека.
Но Александар не бил „обичен“ криминалец. Неговата биографија вклучува интересни детали, како неговото проучување на религиозна литература и црна магија, комбинирано со самоделска изработка на експлозивни средства. Со друштвото одел крај Сава каде одржувале „црни миси“, а видеотеката му се викала „666“. Страдал од ноќни кошмари и не бил во состојба редовно да се школува. Но за пресвртот во неговата „кариера“ најголема заслуга имал Златко Ковач, вработен во библиотеката. Милес му плаќал ситни износи за книги кои Ковач и други колеги ги изнесувале од библиотеката, а потоа ги препродавал. Подоцна неговиот апетит пораснал, па и самиот влегувал во библиотеката да се послужи, еднаш ординирајќи таму и во тек на цел викенд.
Интересно е дека полицијата имала податоци за кражбите, но во моментот кога групата требало да биде сузбиена, дошла наредба „од горе“ дека целата акција треба да биде прекината. Станува збор за 1987, кога воочи Универзијадата во Загреб почнала адаптација на фасадата на библиотеката, а зградата била целата со скелиња што на крадците им овозможил уште полесен влез. Кога конечно биле фатени, Милес признал дека 700 книги завршиле во Белград кај некој антиквар. Во странство се пронајдени и вратени 68 книги, но парите од продажбата останал депониран на сметка надвор од Хрватска. Голем број изданија се уште се водат како исчезнати.
Судењето на Милес почнало во мај, а завршило во ноември 1989. Тој, како што се гледа од медиумските извештаи, постојано ги менувал исказите, ги вплеткувал тајните служби, црната магија и не сакал да соработува. Изјавил дека конечната цел му била да ја запали библиотеката и архивот со вкупно 2.5 милиони книги. Пресудени му се 15 години затвор, а по жалбата Врховниот суд на сите им ги смалува казните, одредувајќи му на Милес девет години.
Во 1994 тој бега од затворот Лепоглава, доаѓа во Загреб и се соочува со полицијата. Киднапира еден од нив со пиштол и го држи како заложник. Барал хелихоптер за да избега од земјата. По тензични преговори, го остава пиштолот и се предава. Подоцна изјавува дека целта му била да изврши самоубиство, така што би го убил полицаецот а потоа специјалците би го убиле него.
Неколку дена подоцна скокнал од оџакот на затворската котларница и преживеал. Тоа било шести пат што се обидувал да се самоубие. Седмиот успеал. Се отрул во болницата на затворот, а на креветот оставил писмо со порака - „Се гледаме во пеколот“.
До денес многу нешта поврзани со оваа приказна не се јасни. На пример зошто некој како Милес кој бил луд на свој начин но не изгледал алчен за пари, би трупал толкави суми? Дали сето ова има врска со историскиот контекст, распадот на Југославија и сеењето страв од мрачни и непријателски сили? Поттикнување толкав скандал каде би се замешала војската па нештата би можеле да тргнат во друг правец? Повеќето од овие прашања изгледа ќе останат неодговорени.