Koпа 71: првото женско СП во фудбал кое било избришано од фудбалската историја

Денес, 8.3., премиерно беше прикажан нов документарец кој ја раскажува историјата на првото неофицијално светско првенство во женски фудбал и причините зошто до сега не постоел историски податок дека тоа некогаш се случило. 

Во раните 1970-ти италијанската компанија за алкохол Мартини Росо идентификувала неосвоена комерцијална и маркетинг територија во женскиот фудбал. Таа почнала акција за приватно спонзорирано првенство во Мексико во 1971, ветувајќи дека ќе ги покрие сите трошоци за Европејките кои ќе бидат подготвени да учествуваат.

Се пријавиле шест земји, вклучително четири од Европа. Во некои од нив, како во Британија, ова не можело да се направи по официјални канали бидејќи женскиот фудбал тука бил забранет цели 50 години и само што се вратил на националната агенда. Главна улога во тоа имал извесен Хари Бет од Лутон, кој со сопругата имал формирано „дамски“ фудбалски клуб во 1969. Тој го препознал интересот помеѓу локалните млади жени и изградил успешен и компетитивен регионален клуб. 

Така, кога претставник на Мартини Росо се јавил и го прашал дали може да формира тим од Англија за настап во Мексико, овој веднаш скокнал. Собрал група наречена „Британски независни“, во која најмладата натпреварувачка имала 13 години, а и други за чиј излез од земјата била потребна родителска согласност, но имало и неколку повозрасни жени. 

Оваа „шарена“ група во Мексико сити играла мечеви  помеѓу розово-бели стативи на некои од најголемите стадиони во светот, пред огромни, ентузијастични толпи. Англичанките се повредувале, победувале и губеле, но како и жените од другите тимови, учествувале во испишување на историјата на женските светски првенства во фудбал. 

Но што била наградата за Бет за промовирање на женскиот фудбал на меѓународна сцена? Бркање од ФИФА и доживотна забрана за членство во фудбалската асоцијација. 

И не само во Британија, и во САД Њујорк Тајмс го етикетирал првенството во Мексико како „Секси фудбал јужно од границата“, најавувајќи ги натпреварите како „мешавина на спортски настан и избор на Мис“ и ветувајќи (или фантазирајќи) дека шорцевите ќе личат на гаќички.

Но фактите од теренот биле поинакви. Во Мексико фудбалерките биле исто толку почитувани како и мажите. Околу 112.000 фанови гледале како Данска го поразува Мексико со 3:0. Ловците на автограми и ТВ екипите ги следеле Англичанките на секој чекор. Дури откако се вратиле во земјата последниве сфатиле дека живееле во илузија.

Била потреба уште цела деценија со протести и кампањи за Британија да ги внесе женските натпревари на домашен терен, а на Фифа уште 20 да го организира првото СП за жени во Кина oд 16-30 ноември 1991.

извор

8 март 2024 - 18:28