Kнигата под наслов Footlights, ја раскажува истата приказна како и неговиот славен филм „Светлините на сцената" (Limelight, 1952) - онаа за остарениот кловн-пијаница Калверо и балерината која тој ја спасува од самоубиство. Во филмот Чаплин го игра кловнот, Клер Блум балерината, а во епизодна улога се појавува и Бастер Китон. Чаплин бил уверен дека тоа е неговиот последниот американски филм, и тоа навистина излегло така - откако заминал за Лондон за да го промовира (дејството се одвива во Британија, што се толкува како навраќање на детството на Чаплин кој е по раѓање Британец) повторниот влез во САД му бил забранет, заради наводни симпатии кон комунизмот.
Романот, кој е всушност подолг расказ, бидејќи има околу осумдесет страници, е напишан во 1948, пред да биде напишано филмското сценарио, и е продлабочена слика за психолошката состојба на авторот во тој момент. Издавач е Кинотеката на Болоња, која е задолжена за дигитализирање на чаплиновата архива од страна на неговото семејство. Книгата е составена од парчиња ракописни текстови и текстови пишувани на машина од страна на Дејвид Робинсон, биограф на Чаплин.
Она што е опишано во книгата, а подоцна и во филмот, е она што всушност почнало да му се случува на режисерот во реалниот живот - славен комичар кој во сопствената земја почнал да ја губи публиката и од страна на печатот веќе бил карактеризиран како „некогашен успешен уметник". Тоа не е одраз само на политичката клима (времето на Хувер), туку и на фактот дека Чаплин почнал да старее. Калверо во новелата вели:
„Менаџерите мислат дека сум готов. Би било прекрасно да ги натерам да си го повлечат зборот. Ја мразам староста - презирот и рамнодушноста која ја носат. Тие мислат дека сум бескорисен. Затоа би било супер да се вратам во полн сјај! Да ги растресам со смеа како некогаш...да го чујам тој кокикот..бранови смеа кои доаѓаат кон тебе, и те поткреваат...каков еликсир! Сакаш да се смееш со нив, но се воздржуваш и се смееш во себе...Боже, нема ништо поубаво од тоа."
Чаплин никогаш немал намера ова да се објави, но книгата која содржи детални коментари кои се однесуваат на неговиот живот во тој период, како и на процесот на преточување на книгата во филм, претставува значаен документ во разбирањето на ликот и делото на Чаплин, човекот кој одел во школо само шест месеци во неговиот живот, а сега се покажува не само како мајстор на филмското платно туку и на хартијата.
Извадок од книгата тука
Сцени од филмот со прекрасната музика