Koму да му се донира бубрег - најнеетичното реално шоу на светот?

На крајот од насловот има прашалник, бидејќи она што на прв поглед изгледа бизарно, имало повисока цел - да внесе едно значајно прашање за донирањето органи на политичката агенда на земја каде тоа не било доволно промовирано како опција за спасување животи.

De Grote Donorshow (Големото донорско шоу) била програма емитувана во Холандија, и тоа само еднаш, на 1 јуни 2007 на телевизијата БНН. Реалното шоу вклучувало наводно терминално болна 37-годишна жена која сака да донира бубрег на еден од 25 луѓе на кои им треба итна трансплантација. 

По првиот круг избор, во игра останале тројца. Гледачите можеле да ѝ испратат на донорката совети преку СМС за тоа кому би требало да му даде предност. Целиот приход од пораките бил дониран на Данската бубрежна асоцијација. 

Сепак, и покрај хуманитарниот аспект, епизодата веднаш наишла на огромни критики, и внатре земјата и меѓународно. Било откриено дека „терминално болната“ била всушност актерка, но тројцата кандидати биле вистински пациенти - тие биле свесни дека донорката е лажна, но сакале да учствуваат бидејќи ја поддржувале генералната кауза, подигнување на свеста за ограничениот број на донори на органи во Холандија. Истото го изјавил и креаторот на шоуто - дека тоа било неопходно за да се прашањето да влезе во политичката агенда на земјата. 

Позадината на приказната е уште поинтересна. Барт де Грааф, основачот на телевизијата БНН, кој починал во мај 2002 (значи пет години пред шоуто), добил бубрег од донор во 1997 кој му бил потребен бидејќи неговите не функционирале како последица на сообраќајка во младоста. Дел од сценографијата на шоуто се состоело и од фотографии од него, како знак дека неговата приказна била инспирацијата. 

Обиди за цензурирање на шоуто започнале уште пред емитувањето на првата (и последна) епизода од страна на член на парламентот од христијанска демократска партија. Но тогашниот министер за култура одбил да ја забрани програмата, иако и тој сметал дека е неетична со оглед на компетитивниот елемент. За разлика од нив, тогашниот директор на БНН изјавил: „И ние сметаме дека темата е одбрана со лош вкус. Но вкусот на реалноста е уште полош“.

Дека позитивен ефект сепак имало, покажува тоа што телевизијата веднаш по завршувањето на епизодата добила СМС пораки од над 12.000 гледачи кои изразиле желба да пополнат барање за донорство, а веќе по неколку дена биле пополнети 50.000 барања. Во 2008 шоуто доби и Меѓународно ЕМИ за забавна програма без сценарио. 

 

10 јули 2024 - 17:27