Минатата недела Колдплеј соопштија дека ќе престанат да одат на турнеја додека не бидат сигурни дека тоа не би било штетно по околината. Сега Масив Атак влегуваат во соработка со универзитетски истражувачи, за да го мапираат јаглеродниот отпечаток кој го оставаат бендовите при нивните настапи и патувања.
Центарот Тиндел за истражување на климатските промени ќе ги анализира податоците од турнеите на Масив Атак и нивниот распоред на снимање, при што во фокусот ќе бидат три клучни области во кои се генерираат емисии на CO2 - продукцијата, транспортот на бендот и на публиката, и местото на одржување на концертите.
Целта е да се обезбедат информации и насоки за пошироката музичка индустрија, што може да го намали негативниот ефект врз околината. Во текст за Гардијан од Роберт Дел Наја од бендот се вели дека како голем број други групи тие до сега плаќале за садење дрвја, неодамна ја забраниле пластиката за еднократна употреба на нивните концерти и патувале со воз секаде каде што можеле. Но сепак ова не е доволно - потребна е здружена акција, при што сите поголеми музички фестивали, бендови и турнеи би се раководеле од правила поврзани со јаглеродните емисии во оваа сфера.
Сепак, секоја индустрија има различни степени на јаглероден отпечаток. Истражувачите од спомнатиот центар, во соработка со Масив Атак, ќе се обидат да создадат стандарди, кои би можеле да станат и законски обврзувачки.