Во 1902 радикалниот вегетаријанец и нудист од Нирнберг, Август Енгелхард, започнал патување со брод до нешто што тој го нарекувал архипелагот на Бизмарк, во германскиот дел на Нова Гвинеја. Неговата дестинација бил островот Кабакон, а неговата цел да воспостави колонија базирана на обожување на сонцето и на - кокосовите ореви.
Од таа 1902 па до 1919, тој живеел на убавиот јужно-пацифички остров, јадејќи ислучиво Cocos nucifera, како што гласи латинското име на плодот на кокосовото дрво, за кого верувал дека ги лечи сите болести на човештвото. Но проценката му била во најмала рака неточна - најголемиот „коковор" во историјата умрел ментално болен, со тешка реума, прегладнет, како „торба коски“. Имал само 44 години.
Приказната за Енгелхард ќе беше целосно заборавена доколку во 2012 не излезеше романот на швајцарскиот автор Кристијан Крахт, „Империум: фикција на јужните мориња" кој раскажува една можна верзија на настаните. Преводот на англиски излезе оваа година во САД и доживеа многу позитивни критики.
Интересот на Крахт за Енгелхарт се појавил сосема случајно - еден ден на бувљак во Германија тој налетал на стара поштенска картичка од брадосан маж во некаква наметка, како стои под палма. Изгледал како „прото-хипи", но Крахт не можел да дознае ништо повеќе за него. Со години се обидувал да дојде до некакви податоци, за на крај во романот да комбинира сатира, со факти од животот на неговиот лик.
Роден во Нинберг во 1875, тој бил помеѓу оние млади луѓе кои во тоа време биле привлечени од движење наречено Лебенсреформ (Животна реформа). Неговите приврзаници пропагирале формирање на некаков земен Рај, каде луѓето би јаделе само зеленчук и сирова храна, а нивна „Библија“ била книга од 1877, водич за исхрана на Густав Шликејсен, со наслов „Овошје и леб: научна диета". Водејќи се од дарвинизмот, таа тврдела дека со оглед на тоа што природната храна на мајмуните била неготвена, истата би требала да биде и главна (и единствена) храна и за луѓето.
Но кокосојадачот отишол чекор понатаму, и го прогласил единствено овој плод за „исправен", и тоа затоа што расте високо на дрвото, блиску до Сонцето, па оттаму е и најблиску до Бога. Според неговата откачена теорија, тука всушност се работи за „теофагија", односно јадење на Господ, на тој начин внесувајќи го божественото во сопственото тело.
Кој знае како им звучеле овие работи на неговите колбасојадачки сограѓани, но некако е логично што тој оваа идеја не можел да ја спроведе во Германија. Со богатата библиотека книги (дури 1200 наслови) тој заминал на спомнатиот остров, си направил колиба и се подготвил да формира сопствен култ, Редот на сонцето. Култот траел кратко, и имал малку поклоници, околу 15, меѓу кои и познатиот берлински концертен пијанист, Макс Лутцов (на сликата оној доле).
Целата работа завршила трагично. Неколкумина умреле (меѓу кои и спомнатиот пијанист), а други се вратиле во Германија со маларија и во голем стрес. На крај локалниот германски гувернер забранил понатамошно придружување на култот.
Во 1905 Њујорк Тајмс посветува текст на темата, во кој се цитира Енгелхард како вели дека „кокосот е каменот на мудроста" и дека универзитетите се ништо во споредба со неговиот начин на живот. Она што тој не сакал и не можел да го согледа, меѓу другото, била сопствената колонијалистичка позиција, на иста линија со империјализмот на Германија. Привлегираниот статус кој тој го уживал на Кабакон бил сличен на оној на трговецот со слонова коска Курц во „Срцето на темнината" на Јозеф Конрад.
Кога во 2010 Крахт го посетил островот, таму немало трага од империјалната Германија - Јапонците срамниле со земја сè што би потсетувало на тоа во текот на Втората светска војна. Она што сепак опстанало се сонцето, кокосот, комарците и легендата за човекот чија опсесија со „здравата храна" всушност го убила.