Веднаш по објавувањето на вториот роман од серијата за Шерлок Холмс на сер Артур Конан Дојл, ликот на славниот детектив станал (и се уште е) најпознатиот фиктивен лик - корисник на кокаин. Првите критики за романот ја пренесувале фасцинацијата од сликата на приватниот детектив кој мора да биде „или вклучен во разоткривање на првокласна мистерија, или во тешење на самиот себеси со кокаин“. По смртта на Дојл во 1930, еден весник напишал дека Холмс бил човекот „кој земал кокаин многу пред тоа да биде модерно“.
Но зошто авторот се одлучил токму за овој наркотик? И зошто викторијанската читателска публика, барем на почетокот, била толку ентузијастично подготвена да прифати еден ваков лик и неговиот „7 процентен раствор“?
За да се одговори на ова прашање треба да се знае нешто за позицијата на кокаинот во доцната викторијанска култура. Алкалоидот бил изолиран и екстрахиран од листовите кока уште во 1850-тите, но не бил познат до 1884. Таа година Карл Колер, млад офталмолог кој работел во главната болница во Виена, открил дека благ раствор на кокаин (седумпроцентен) може да послужи како локален анестетик.
Ова откритие предизвикало револуција. Дрогата која можела да отстрани болка при хируршка интервенција била истата која можела да држи некого буден цела ноќ. Генералните анестетици, како хлороформот, биле користени со децении, но нивната примена била ограничена и тие имале силни нуспојави: голем број доктори и пациенти се уште се плашеле од успивањето во операционата сала, бидејќи ризикот успиениот да не се разбуди бил голем. Кокаинот, од друга страна, нудел можност помали операции (на очи, нос, грло, кожа, како и стоматолошки интервенции) да бидат направени без голема опасност, каква што би претставувала генералната анестезија.
Кокаинот набргу станал „селебрити“ дрога, а контролата и легислативата која нам ни е позната од 20-тиот и 21-иот век не постоеле во викторијанското доба. Оттаму, тој бргу се проширил вон хируршките сали, и како аналгетик и како стимуланс. Често се мешал со лекарства за морска болест, со лекови против настинка или таблетки за лижење за грло. Еден рецепт од 1896 за домашен лек против грип наведува мешавина од кокаин, мелено кафе, ментол и шеќер во прав, „да се користи како вообичаен сниф“. Интересно е што растворот од 7% бил користен и како анестетик при тетоважи, кои биле многу „тренди“ во доцниот 19 век во Англија.
Сето ова објаснува зошто кокаинот би му бил интересен на Конан Дојл и на неговиот лик. Тој бил симбол на тоа како модерната технологија може да се користи за подобрување на човечките животи. Токму од тој аспект на тотално рационалниот Холмс му „лежи“ да користи една тогаш модерна, хај-тек супстанца. Сепак, ризиците кои ја придружувале а кои станале очигледни до раниот 20 век придонеле Конан Дојл да му ја ускрати во понатамошните дела. До крајот на својата кариера Холмс се држел само до тутунот и кафето.