Koyaanisqatsi од 1982 дури и да не сте го гледале веројатно сте го слушале - американскиот експериментален филм од 1982 на Реџио со музика на Филип Глас е опишан како „визуелна тонска поема", без дијалог и без нарација. Насловот на јазикот на Хопи индијанците значи „неврамнотежен живот", а тоа е првиот од трилогија која опишува (и критикува) различни аспекти на меѓучовечките односи, некритичкото славење на технологијата и негрижата за животната околина. Ова е трејлерот:
Koyaanistocksi е ре-креација на оригиналниот трејлер, објавен минатата недела. Разликата е во тоа што секоја слика создадена од Реџио и неговиот снимател Рон Фрике тука е заменета со фотографија на природа и пејсажи земени од интернет, но со воден жиг за заштита на авторските права.
Во времето на издавањето на филмот, Реџио изјавил дека тој се интересира за влијанието на медиумите во пренесувањето идеи, а не во нивната улога на промотори на производи, и на тој начин се позиционирал против капитализмот. Но тоа денес изгледа иронично, земајќи го предвид фактот дека стилот на снимање на овој филм денес најчесто се поврзува со ТВ реклами. Така, филмскиот јазик измислен од Реџио за да ја критикува глобализацијата, сега ја продава возбудата токму на она против што претходно протестирал.
Џес Ингланд, уметник кој Питсбург кој го има направено Којанистокси, пишува дека го сторил тоа како „тестамент на влијанието на Реџио врз современата фотографија" (претходно тој има направено машина за пишување која куца исклучиво Комик Санс фонт и филмска камера која произведува слики слични на Гугл Стритвју).
Ваквата ситуација - анти-естаблишмент естетика преземена (или: киднапирана) токму од оние против кои протестира - не е нова. Најнов пример за истото се случи пред некое време, кога компанијата Пантон ги прогласи нежните тонови наречени „розе кварц" и „смиреност" (serenity) за бои на годината. На прв поглед делува дека боите немаат идеолошка тежина, но критичарите велат дека компанијата всушност краде анти-капиталистичка естетика од онлајн субкултури (како на пример Тамблр, каде ваквите бои изминативе месеци станаа тренди, особено во постови на тинејџери), за промоција на сопствените производи.
Сепак, ваквата транзиција во примерот со Којанистокси е целосно затворање на кругот - визуелен јазик кој од полето на протестот се преселил во она на моќта. Посебно иронична е употребата на фотографиите на кои има вода, а кои се заштитени од неавторизирана употреба со - воден жиг.