Во „Божествената комедија“ на Данте, посебно во деветте кругови на пеколот, среќаваме живописни ликови чие присуство во адот би требало да нè подучи какви не треба да бидеме.
Во четвртото пеење од „Чистилиште“ се спомнува спореден лик чија пасивност има иста таква, дидактичка функција. Се вика Белаква, а него Данте и Вергилиј го наоѓаат во фетална позиција под голема карпа со други мртви души. Сите тие се проколнати, да чекаат онолку во предворјето на чистилиштето колку што одложувале да се покајат и да се свртат кон Бог во текот на животот. Во еден од мачениците „со колена прегрнати, со глава и лице врз нив“ Данте препознава свој пријател:
Ој Белаква, не те жалам
но кажи: зошто овде вака седиш?
Ти гид ли чекаш? Навика те пала?А, тој, пак: - „Која полза, што ми вреди
јазењето до горе, кога Божјото пиле
пред дверта седи, страдните ги следи?
(препев Георги Сталев)
„Белаква“ според истражувачите на делото на Данте било прекар на извесен Дучио ди Бонавиа, фирентински изработувач на музички инструменти, и пријател на Данте. Тој имал репутација на екстремна мрза, а бидејќи датумот на неговата смрт се совпаѓа со посетата на Данте на чистилиштето (1300-тата година), најверојатно се работи за него.
Белаква го сретнавме уште на едно место, во расказот на Семјуел Бекет, „Данте и јастогот“ од 1934. Во него тоа е име на лик кој најпрвин е длабоко вовлечен во интелектуални активности, но набргу огладнува и почнува да подготвува јадење, најпрвин за себе, а потоа за својата тетка. Сепак, кога пристигнува кај неа сфаќа дека јастогот кој требало да биде сварен е се уште жив. Во меѓувреме се води дискусија за еден стих од Данте, во кој тој игра со сличноста на зборовите „сожалување“ (pity) и „побожност“ (piety). Има нешта кои се нужни за физичко преживување, како варење на јастог, но има и етички принципи кои подразбираат сожалување и верба во Бога. Животот тече помеѓу овие крајности. До моментот кога се отвараат портите на рајот. Или на пеколот.