Бенџамин Френклин, човекот кој подоцна историјата ќе го запомни како полимат: научник, изумител, дипломат и политички филозоф, секако и еден од основачите на САД и потписник на Декларацијата на независност, најпрвин почнал како чирак во печатницата на својот постар брат во Бостон. На ваквата работа се нафатил откако тако му веќе немал пари да го праќа во Бостонското латинско училиште предвидувајќи му свештеничка професија. На десетгодишна возраст го прекинал школувањето и станал самоук. Веќе на 12 почнал да работи во спомнатата печатница.
Кога Бенџи наполнил 15, неговиот брат Џејмс го основал весникот The Nеw-England Courant, третиот весник кој воопшто се појави во Бостон. Помалиот брат веднаш бил мотивиран да напише писмо за објавување, но тоа не му било дозволено, со оглед на возраста. Оттаму тој си измислил псевдоним - Сајленс Дугуд, читателка која ја замислил како средовечна вдовица. Писмата до редакцијата на Госпоѓа Дугуд биле објавени и станале жешка тема во градот, бидејќи без влакна на перото опишувале и критикувале тогаш актуелни општествени појави, па дури и такви кои имале врска со женската мода. Ниту Џејмс ниту читателите не биле свесни за тоа кој стои зад нив. Џејмс само добивал писмо поттурнато под вратата на работилницата секои две недели. Биле испратени вкупно 14 писма.
Кога Џејмс бил затворен на три недели во 1722 затоа што објавил материјал кој не му одговарал на тогашниот гувернер, младиот Френклин го презел весникот и во име на госпоѓа Дугуд се заложил за негово ослободување и за слобода на изразување воопшто, цитирајќи тогаш актуелни есеи содржани во книгата „Писма на Катон“ на двајца британски филозофи, кои исто така пишувале под псевдоним: „Без слобода на мисла не може да има мудрост. Истовремено, не може да има јавна слобода без слобода на говор“.
Кога Џејмс открил кој стои зад псевдонимот се налутил. Бенџамин ја напуштил работата во печатницата и избегал во Филаделфија. Така згаснал ликот на Сајленс, за која имал измислено цела биографија - имигрантка од Англија, чиј татко починал од огромен бран на бродот со кој патувале кон САД, по што таа била дадена на чување кај некој свештеник кој ја образувал. Нејзиниот лик станал толку популарен, што голем број мажи ѝ нуделе брак на оваа наводна вдовица.