Во моментов на пишувањето на текстов има уште 16 дена, 1 час, 39 минути и 12..11...10 секудни до целосното замрачување на сонцето (додуша броено според тоа кога ќе се гледа во САД, во Европа нема да биде видливо). Возбудата не стивнува и покрај сиот научен и астрономски багаж од знаење кое го имаме за оваа природна појава.
Ова било така и за оние кои живееле многу пред нас. Да речеме дека е почеток на јуни во годината подоцна позната како 763-та пред нашата ера. Вие сте воен затвореник во Нинива, престолнината на Асирското царство, што значи дека имате добра причина да се плашите.
Асирците го обожуваат Богот на сонцето, Богот на месечината и други небесни божества, па целосното замрачување на Сонцето има огромно духовно и политичко значење. Свештениците постојано го набљудуваат движењето на планетите и ѕвездите толкувајќи ги како божји знаци. Тие знаат дека замрачувањето може да биде фатално - ако се погоди да се случува токму над Асирија, како тој јуни 763-та, е тогаш може да значи смрт на императорот.
Токму затоа ова може да биде лоша вест и за сиротиот затвореник, бидејќи во тек на замрачувањето, неколку денови па дури и месеци тој може да биде избран да го глуми, односно да го заменува царот. Ритуалот бил наречен шар пуи (šar pūḫi) и претставува помалку познато човечко жртвување. Од една страна звучело одлично да можеш сето тоа време да живееш во палата, со слуги и сите нешта што ги подразбира владетелската титула (во пакетот имало и девствена кралица). Но откако опасноста ќе поминела, „заменикот“ бил убиван, најчесто со затруен пијалок.
Уште еден елемент бил тајноста - само неколку членови од најблискиот кралски круг знаеле за ова, што и не било тешко бидејќи јавноста не ни знаела како изгледа вистинскиот монарх. Имало и волонтери кои ова го сметале како саможртва за царството, но најчесто тоа биле воени затвореници, криминалци или селани.
Речиси 3000 години откако ваквите несреќни души доживувале ваква судбина, да бидеме среќни што овогодишното целосно замрачување може да предизвика потенцијална очоболка (ако не се носат соодветни наочари).