Кој прв рекол: „Муштеријата е секогаш во право“?

Дали верувате во оваа изрека зависи од тоа дали сте од оваа или од онаа страна на пултот. За купувачот ова може да е благослов, но за продавачот потенцијална стапица за злоупотреба на таквата филозофија. За потеклото на изреката има неколку теории.

Најраното пишано споменување на „муштеријата е секогаш во право“ датира од 1905 и му се припишува на Маршал Филд, сопственик на стоковна куќа од Чикаго, кој во негово време бил богат и успешен. Во статија посветена нему во Бостон Глоуб, весникот го нарекува „трговски принц“ и претпоставува дека тежи 125 милиони долари (денешни 4 милијарди).

Филд инсистирал вработените да ги почитуваат неговите бизнис убедувања. „Генерално, г-дин Филд се придржува до теоријата дека муштеријата е секогаш во право. Доколку не е така, тогаш станува збор за трговец во којшто не треба да се има доверба“, се вели во текстот. Можно е авторот да се повикува на претходно постоечка изрека, но сепак пред овој датум не постои доказ за нејзина употреба во печатот. 

Филд всушност не бил единствениот кој се придржувал до оваа идеја. Цезар Риц (татко на Чарлс, за чиешто пријателство со Хемингвеј пишувавме тука), сопственик на познатите хотели, кој тогаш поседувал објекти во Лондон и Париз, ја промовирал идејата на le client n’a jamais tort, или муштеријата никогаш не греши. Прв пат му се припишува во 1908, иако тој можеби ја користел и претходно. 

Хари Селфриџ бил ученик на спомнатиот Маршал Филд, прво како момче што работело во магацин а потоа како менаџер на оддел во стоковната куќа - позиција која ја добил кога се охрабрил да му пристапи на Филд и просто да го побара тоа. Нему му се припишува изреката која им ја повторувал на купувачите дека има „само Х денови за шопинг до Божик“, поттикнувајќи ги побрзо да се снабдат со подароци. Можно е всушност Селфриџ да ја измислил изреката а Филд само да ја повторил. Тој во 1909 си отворил сопствена стоковна куќа во Лондон, каде ја спроведувал истата филозофија. Еднаш некоја жена се збунила мислејќи дека капут чини 25 пени а не 25 фунти - тој ѝ дозволил да го купи за пониската сума.

Конкурентите велеле дека Селфриџ им се потпикува на муштериите и дека го „американизира“ британскиот пазар, во кој трговците сакале да си го задржат достоинството и правото и тие да бидат во право. Но тој правејќи го обратното успеал - лондончаните, како и сите други, уживале во потпикувањето. Сепак, во 1936 неговата стоковна издала соопштение во кое се вели: „Ретко, но сепак се случува муштерија да е неразумен. Ние се придржуваме до нашиот стар слоган дека тој е секогаш во право, но истовремено си се тешиме, додавајќи го зборот РЕЧИСИ пред секогаш“.

2 јануари 2025 - 15:57