
Познавачите на ликот и делото на Ернест Хемингвеј знаат голем број анегдоти поврзани со него, кои имаат врска со жени, лов и алкохол. Оваа е поврзана со неуспешен, но ентузијастичен обид да се ослободи хотел Риц во Париз при крајот на Втората светска војна, кога писателот бил дел од француска група на отпорот. Таа, не баш нешто воено поткована, се втурнала во лобито за да се бори за омилениот париски клуб во склоп на хотелот. Ама малку задоцниле - нацистите веќе биле заминати, а на Ернест му било кажано дека е добредојден во хотелот ако тој и неговите другари го остават оружјето на влезот. Вечерта нарачал 51 суви мартинија за сите, за да го прослават ослободувањето на Париз од германската окупација.
Токму тогаш започнало долготрајното пријателство со Чарлс Риц, синот на стариот Цезар Риц, и наследник на хотелот и семејното богатство. За разлика од авантуристот Хемингвеј, Чарлс бил прибран и посветен на семејниот бизнис. Но колку и да биле различни, двајцата сакале некои исти нешта - виното и авантурата на пловењето и на дивината.
Риц бил човек на американскиот запад. Се борел во Првата светска војна. Во 1930-тите почнал да се занимава со улогата на хотелиер, но и со риболовот, спорт и занимација која не се поврзувала со високите ешалони на француското општество, на коешто му припаѓал согласно богатството. Не само што уживал во него, туку бил и изумител на неколку корисни алатки, како параболичниот рибарски стап, кој овозможувал ставање поголеми мушички, па оттаму и ловење поголеми риби во помали води.
Иако Хемингвеј веќе бил искусен во рибарењето, Риц му влијаел на „стилот“, со нови агли и методи (high spеed/high line - веројатно некој што е по рибарењето ќе знае што е). Риц бил основач на Фарио, кој во еден момент бил еден од најексклузивните рибарски клубови во светот, а постои и денес, иако е многу помал.
Покрај сите свои таленти, Риц бил и писател. Во 1959 ја објавил „Животот на мушичарот“, која станала една од насаканите и најпознати наслови во оваа област. Хемингвеј му напишал предговор во кој со најласкави зборови ја опишува вештината на неговиот другар Чарлс, со кој останале блиски до смртта на Хемингвеј во 1961. Чарлс пак го водел хотелот Риц до својата смрт, во 1976.