По заминувањето на големиот мајстор на малите и големи екрани, Дејвид Линч, кој почина на 16.01. на 78-годишна возраст, се редат последни поздрави и заслужени величења на неговото име. Но нема поголемо величење од тоа твоето име да е станато придавка, како кафкијански или орвеловски.
Филмот којшто го има поттикнато овој израз е „Синиот сомот“, кој ги цементираше параметрите според кои нешто би можело да се нарече такво, дури и ако не му припаѓа на медиумот на филмот. Неочекувано, морничаво, но и на бизарен начин смешно и сатирично, сето тоа почна да се идентификува со визуелниот и наративен стил на Линч.
Иако запишан веројатно долго време откако терминот почнал да се користи во муабети по видео клубови, на предавања по филмски академии или во крстозбори, прв кој тоа го сторил и го аргументирал со неговата позната прецизност е американскиот автор Дејвид Фостер Валас (за него претходно тука). Во негов есеј поврзан со Линч во Premiere Magazine, тој напишал:
„Една академска дефиниција на 'линчовско' би можело да биде дека терминот се однесува на еден особен вид иронија, во која многу морничавото и многу обичното се спојуваат на начин кој открива колку првото е постојано содржано во второто. Но како и термините постмодерно или порнографско, што е тоа линчовско станува јасно само преку конкретен пример, односно знаеме дека тоа е тоа веднаш штом ќе го видиме“.
Самиот Линч во интервјуа пак има изјавено дека никогаш не мисли на техниката, односно не ги мести нештата така да бидат „линчовски“. „Идеите диктираат сè. Треба да се држиш до тоа, ако не, тогаш си мртов“. Ова не е стратегија за која зборуваат јавно повеќето успешни филмаџии. Кај нив има и компромиси, и анализа на пазарот и обид да се допаднеш на публиката. Тоа дека има придавка со неговото име значи дека неговото дело е толку моќно, што сме морале да измислиме збор кој претходно не постоел за да го опишеме. Малкумина можат да се пофалат со таков придонес за човештвото.