Во 50-тите години од минатиот век најчестиот облик на забава низ Европа биле журките со локални бендови и танцување. Биле свирени популарни хитови од тоа време, а газдите на локалите одвојувале дел од својата заработка за музичарите кои свиреле во живо.
Но на 19 октомври 1959 еден таков сопственик на сала за танцување случајно ја отворил првата дискотека. Инспириран од Радио Луксембург, радио станица која имала култен статус затоа што пуштала поп музика (нешто што не можело да се замисли во онзервативниот свет на германската радиофдифузија во тоа време), тој во салата донел грамофон, а еден млад новинар присутен на лице место преку ноќ станал првиот ди-џеј. До тогаш ваквата музика, пуштана од плочи, била нарекувана „мртва“.
Станува збор за местото Скоч клуб во германскиот град Ахен, а името на новинарот било Клаус Кирини. На тогаш 19-годишното момче му било досадно да ја слуша класичната музика која таа вечер ја пуштал некој локален оперски пејач, па дошол до грамофонот и почнал да врти забавни песни. Со помош на микрофонот, најпрвин на зафрканција, по углед на радио водителите, ги најавувал песните и ги коментирал настаните во салата.
„Дами и господа, пресвиткајте си ги ногавиците затоа што се спрема поплава - A Ship Will Come со Лејл Андерсен!“, му била првата реченица. Тоа бил хит од германската пејачка Лале Андерсен кој сите го знаеле, па неговиот избор се покажал одличен. Насобраните многу позитивно реагирале, а клубот од недела во недела станувал сè попопуларен. Клаус Кирини наскоро станал „Ди-џеј Хајнрих“.
Денес е малку тешко да се поверува дека место како Скоч клуб во кое се изведувале сентиментални германски балади и кое имало строг кодекс на облекување - сакоа и кравати за мажи и никако пантолани за жени - го трасирало патот за диското од 1970-тите и модерните ноќни клубови со ласери и танчери кои висат од кафези. Ама легендите се такви, тешки за верување.