Мардас, или „Магичниот Алекс“, како што го нарекувале Битлси, бил електро инженер кој во Британија пристигнал во 1965, со изложба на свои кинетички светлосни скулптури . Го импресионирал Ленон со она што во тоа време делувало како визионерски спој на електрониката и уметноста - јаки звучници-тапети со кои може да се обложат цели простории, завеса за невидливост која користи ултрасонични вибрации, џепен „енергетски штит“, како и телефон кој го врти посакуваниот број со препознавање глас.
Ленон ги убедил останатите да го најмат Мардас и најпрвин да му отворат истражувачка Епл работилница каде би можел раат да работи, а потоа и да им го дизајнира новото Епл студио. Додека не ја расипале калимерата заради големите финансиски загуби, помеѓу 1965-1969 тој им бил постојан придружник, дури и на нивните аџилаци во Индија кај Махариши Јоги. Тие пак му биле гости на свадба, и преку него сакале да купат остров во Егејот каде би можеле да направат некој вид комуна. Освен тоа, Мардас бил човекот со задача да ја пренесе пораката од Џон до првата жена Синтија, кога сакал да ја напушти за Јоко Оно. Со студен глас тој ѝ соопштил: „Ќе се разведе од тебе, ќе ти го земе Џулијан и ќе те врати каде што си живеела претходно“. Пораката предизвикала Синтија да го загуби гласот и некое време да биде врзана за кревет со треска.
Во следново видео, иронично илустрирано со „Ноувер мен“ (Making all these nowhere-plans for nobody..), се претставени изумите на Алекс, кои и од денешна гледна точка се крајно шармантни во нивната неутилитарност. Иако, за волја на вистината, помеѓу препорачаните подароци за блиските има и крајно практичен „зголемувач на пенис“.
Во 1970-тите индустријата на антитероризмот го доживеала својот подем, па Мардас ја видел својата иднина во нешто покорисно од електронски кутии што трепкаат - елеци отпорни на куршуми, системи за прислушкување и блиндирани возила. Отворил компанија која продавала вакви мастрафи на битни светски личности, како на пример кралот Хусеин од Јордан кој купил цела флота автомобили безбедносно прилагодени од магичниот Алекс, иако по некое време истите наводно ги вратил, бидејќи ништо од сето тоа не работело како што треба.
До крајот на животот се судел со куп луѓе и институции, меѓу кои и со Њујорк Тајмс, заради статија во која е наречен „шарлатан“. Случајот го добил, по што весникот морал јавно да му се извини, не толку за шарлатанството, туку за наводните криминални намери зад неговата соработка со Битлси. Накратко, Алекс не бил криминалец, само неостварен гениј.