Контроверзна листа на Ролинг Стоун

Кои се навистина 100-те најдобри песнописци на сите времиња?

Минатата недела Ролинг Стоун објави дизајнерски џиџе список на оваа тема. Следеше канонада критики, на кои се придружуваме - немојте да мислите дека ако ги има Вејтс, Кеш и Коен ќе ви простиме за сите останати кои ги нема.

Голем број списанија си прават разни листи, ама кога таква ќе објави Ролинг Стоун таа некако звучи поавторитативно и „канонски". И не е прв пат нивните списоци на „нај" музички нешта да бидат оспорувани, ама сега за тоа има и посебно добри причини. Прво, отсуството на битни фаци наспроти вклученоста на некои коишто тешко би можеле да се наречат „на сите времиња“. И второ, што споменатата листа е спонзорирана од Епл Мјузик.

„Очекувано, 79% од застапените се белци, и има само девет соло женски артисти", се вели во една од критиките. Ама тоа е само врвот на ледениот брег, а за да го сфатите тоа треба да знаете не кој е вклучен, туку кој е изземен од списокот. Значи во стоте најдобри пишувачи на песни на сите времиња ги нема: Џим Морисон, Ник Дрејк, Пинк Флојд, Ник Кејв, Кејт Буш, Кол Портер, Нина Симон, Френк Запа, Џеф Бакли, Таунс Ван Занд...Ама затоа ја има - Тејлор Свифт. Па дури ни Боб Марли, иако ни лежи на срце, не е реално да биде 11-ти, со оглед на тоа што песните му се варијација на два акорда и три мантри.

Џабе вадењето дека ниту еден список не може да ги задоволи сите вкусови, дека 100 е мала бројка за сите легенди на музиката во сите жанрови. За оној кој го составувал овој список, според критичарот на NPR, музичката историја почнала да тече во 1950, а џезот воопшто не се случил. Дјук Елингтон, Гершвин, Жобим - аш. На списокот има мал број имиња, главно денес подзаборавени, чиј придонес не се мери во продадени синглови, туку во тоа што биле генијалци кои ја турнале целата уметничка уметност напред. Она што требало да го направат уредниците за листата да биде и историски релевантна, било едноставно да ги прашаат оние веќе вклучени во листата од кого тие учеле и од чии стилови се инспирирале. Во тој случај покрај еден Џон Фогерти (на 40-то место) сигурно би се нашол, на пример, Џони Ли Хукер, слично како што покрај Дилан на првото место, на 28-то се нашол Вуди Гатри, врз чие творештво тој всушност се надоврзал.

Но главниот проблем сепак не е во изборот, па макар и изнервирал повеќемина. Работата е во ко-брендирањето на списокот од страна на Епл, при што до секој автор има линк за да може да се слушне неговата музика преку стриминг сервисот на оваа компанија. Оттаму, оние музичари кои не се достапни на Епл Мјузик едноставно ги нема. „Дали одиме кон иднина во која списоците се уште посомнителни заради тоа што се базирани на тоа кој стриминг сервис ги спонзорира?", прашува Гардијан.

За оние пак кои се чудат зошто толкава врева за една или повеќе „обични" листи, објаснувањето е следно - луѓето ги сакаат, често се раководат според нив, особено ако ги составил авторитет во некое подрачје, за каков до сега се сметаше Ролинг Стоун во областа на музиката. После ова некои почнуваат да се сомневаат во неговиот кредибилитет и мотиви за составување на каква и да е листа.

Во прилог уште еден кој не е влезен на списокот - Фреди Меркјури

 
25 август 2015 - 15:13