Секоја година списанието „Тајм“ ја објавува Личноста на годината за која редакцијата смета дека имала најголемо влијание во текот на тие 365 дена. И тоа не е секогаш инфлуенсерство за добри нешта - на листата е и Адолф Хитлер. Ова списанието го прави од 1927, именува поединец, група или концепт кои оставиле најголем печат на вестите и светските настани. За 2023 тоа е Тејлор Свифт, која влегува во историјата како првиот забавувач кој ја добива оваа престижна титула.
Во 1941 списанието сакало да направи сатира на сопствената идеја, со тоа што ќе го именува слончето Дамбо за „Цицач на годината“. Да не се случел Перл Харбор, дебелокожецот ќе се нашол на насловната.
Да потсетиме: „Дамбо-слонот што лета“ од Хелен Аберсон и Харолд Прл, преточена во славниот цртан на Дизни, е приказна за бебето слон кое е експлоатирано во циркус поради своите преголеми уши, кои подоцна ќе се покажат како благослов, бидејќи со помош на нив тој може да лета. Неговиот лик станал толку популарен, што Тајм одлучува да го стави на насловна на 29 декември 1941. Од таму дури нарачале од Дизни негов црно-бел портрет со молив.
Но додека се подготвувал бројот, излегле вестите за нападот на Перл Харбор. Битката ќе ги катапултира САД во Втората светска војна, настан кој од слаткото слонче ќе направи небитна фигура, па дури и навредлива за еден таков тежок миг. Наместо тоа, „Тајм“ одлучува на насловна да го стави генерал Даглас МекАртур.
Всушност, Дамбо и никогаш не требало да ја замени Личноста на годината. За таа, 1941, тоа бил претседателот Франклин Д. Рузвелт, а ова со Дамбо било само „мала шала“. До денес списанието има именувано само два нечовечки ентитета како Личност на годината: компјутер во 1982 и Земјата во 1988.