Наоми Вулф. Американска феминистка, новинарка, некогашен политички советник на Ал Гор и Бил Клинтон и авторка на осум книги. На 18 јуни требаше да излезе американското издание на најновата, под наслов „Скандали: секс, цензура и криминализација на љубовта“. Требаше.
Новата книга на Вулф се базира на нејзината докторска теза од областа на англиската книжевност, која ја одбранила во 2015. Во неа таа ја истражува репресијата на хомосексуалноста во историски контекст, посочувајќи ја годината 1857 како клучна за нејзиното правно одредување како кривично дело во САД и Британија. Таа ги опишува драматичните начини на кои новите закони се одразиле врз уметниците, сега „сексуални дисиденти“, како Волт Витман во Америка и англискиот критичар Џон Адингтон Симондс во Британија, неколку децении пред Оскар Вајлд да се најде на обвинителна клупа за истото дело. Истовремено, посочува десетина случаи на егзекуции поради „содомија“, наведувајќи ги со име и презиме оние врз кои била извршена смртната казна.
Но на радио интервју на Би-би-си од 23.5, Вулф ја очекува големо изненадување. Водителот, без грам малициозност но сепак и без пардон, во живо ѝ открива дека погрешно разбрала клучен правен термин од 19 век: death recorded, буквално „регистрирана смрт“. Додека авторката е убедена дека станува збор за егзекуција, тој цитира релевантни извори во кои терминот го означува спротивното - неефектуирана смртна казна, односно помилување. И не само тоа, туку вади и копија од весник од 19 век, каде е експлицитно наведен датумот на кој извесен Томас Силвер бил пуштен од затвор, истиот оној за кого Вулф во книгата пишува дека бил осуден на смртна казна заради противприроден блуд, казна која според неа била и извршена.
„Регистрирана смрт“, вели водителот Метју Свит, „е категорија создадена во 1823, која им овозможувала на судиите да се воздржат од изрекување смртна казна за кој и да е осуденик за кого тие лично сметале дека е соодветен за изземање, или за кого знаеле дека може да следи кралско помилување.“ И потоа го задава конечниот удар - „Се сомневам дека која и да е од егзекуциите кои тука сте ги идентификувале воопшто се случиле“.
По ова следи тешка тишина, после која Волф сепак се држи одлично и не негира дека водителот е веројатно во право. Следниот ден залудно се обидува на Твитер да цитира статија која ги поддржува нејзините наоди, повторно паѓајќи во стапица - нејзин автор е А.Д.Харви, квази-историчар и докажан измамник кој лиферуваше лажни историски податоци за наводна средба помеѓу Дикенс и Достоевски (за што детално пишувавме тука). Сепак, исто така преку твитови, му благодари на водителот за корекцијата и ветува преглед на сите случаи наведени во книгата со известувања за судбината на секој од нив.
Книгата, чиј наслов сега излегува пророчки, веќе е излезена во Британија кај издавачот Вираго Прес, од кого засега нема коментар. А пак американскиот издавач, ХМХ, излезе со став дека и покрај тоа што вработува професионални уредници и лектори, одговорноста за проверката на фактите е кај авторите. Ова сепак не објаснува како е можно Вулф толку долго да мислела дека еден правен термин значи едно, кога значел нешто друго, и како тоа никој не ѝ го предочил претходно. Ама веројатно кога си толку познат како неа, некако ти се верува на збор, без критички однос и без проверка.
Најинтересниот дел од интервјуто:
Everyone listen to Naomi Wolf realize on live radio that the historical thesis of the book she's there to promote is based on her misunderstanding a legal term pic.twitter.com/a3tB77g3c1
— Edmund Hochreiter (@thymetikon) May 23, 2019