Денес да возиш точак може да значи многу работи - грижа за околината, за сопственото здравје (иако тоа во Скопје може да значи и точно обратното), заштеда на пари за превоз, немање автомобил...Но во минатото тоа можело да биде и сигурен знак за политичка определба.
Во текот на 1890-тите велосипедизмот процветал во САД. Дизајнот на точаците станал таков што секој можел да го вози, а под „секој“ главно се мислело на мажите. Но за некои од нив возењето точак не било само забава или начин побрзо да се заврши некоја обврска. Како резултат на одлична маркетинг стратегија на Републиканската партија, точаците се претвориле во алатка за изразување политички став.
Кандидат за претседател на Републиканците бил Вилијам МекКинли, а идејата на партијата била со своите активности тој да ја покрие големата географска територија на американската внатрешност, која според него страдала од длабока економска и психолошка депресија. Кандидат на Демократите бил Вилијам Џенингс Брајан.
Републиканците својата стратегија на пронашле на неочекувано место. Лигата на американските точкари (League of American Wheelmen - LAW), била велосипедска организација основана во 1880, а првично наменета за промоција на возењето точак. Во 1896 имала над 70.000 членови. Тие, како и велосипедистите денес, ги притискале политичарите за носење посоодветни закони, а реакцијата на овие нивни барања била клучна за тоа кому би му го дале својот глас. Оттаму, обете партии почнале да кокетираат со нив, ветувајќи им велосипедски погодности.
Поуспешни во ова се покажале Републиканците, па клубот почнал во нивно име да одржува паради, да држи говори и практично да претставува гласноговорник на ставовите на Републиканската партија. Во меѓувреме, Републиканците почнале да користат слики од точаци на своите материјали, „гребејќи“ се од моменталната мода (ова веројатно ве потсетува на некои други, помодерни кампањи...).
Последица на сето ова била победата на Републиканецот МекКинли. Но по само една деценија автомобилот ќе го заземе централното место на точакот. Сепак, „кокетирањето“ со велосипедистите продолжува и денес, со тоа што секоја нова градска, општинска и друга власт се колне во предностите на велосипедот иако реално многу малку прави на оваа тема.