Денес, кога повеќето луѓе не живеат на село и не одгледуваат стока, лесно се заборава колку опасни можат да бидат домашните животни. Кравите можат да прегазат човек, коњите да нанесат смртоносни удари, а свињите – како сештојади – можат да бидат особена закана. Во средниот век тие често слободно се движеле низ селата, хранети со отпадоци, но токму затоа можеле лесно да нападнат и усмртат мало дете. Постојат стотици записи за случаи во кои свињи убиле, па дури и изеле деца.
Во 1379 година, група свињи во селото Сен-Марсел-ле-Жисе во источна Франција усмртиле дете на свињар. Во 1386 година, една маторица во Нормандија смртно повредила момче, а во 1457 година, во Бургундија, свиња го убила петгодишниот Жан Мартен – додека нејзините прасиња биле во близина, извалкани со крв.
Историчарот Свен Гинс во текст на оваа тема објаснува дека средновековните свињи многу повеќе наликувале на диви вепри: биле брзи, силни и агресивни, а понекогаш јаделе и човечко месо. Затоа, кога ќе се случело убиство, животното често било третирано како да е човек – тоа било затворано, превезувано со кола и изведувано пред суд, со платен џелат и целосна правна постапка.
Иако денес овие процеси изгледаат бизарно, за луѓето од тоа време тие биле сосема нормални. Правдата во средниот век често имала цел да воспостави помирување меѓу страните. Но кога жртвата било дете, паричната отштета не била доволна. Тогаш судот ја преземал работата, со цел да даде јасно образложение и чувство на заокруженост.
Судењата на свињи служеле и за подлабока истрага: дали сопственикот бил немарен, дали животното било познато како опасно, па дури и дали родителите намерно го оставиле детето покрај свињите (да речеме нешто како денес случаите со напад на кучиња). Судот настојувал да создаде јасна и прифатлива приказна за заедницата.
Во некои случаи се вмешувале и повисоки власти. Во споменатиот случај од 1379 година, дел од обвинетите свињи припаѓале на локалната опатија, која побарала помилување од војводата Филип Смелиот. Тој на крајот ги ослободил „добро воспитаните“ свињи на манастирот.
Подоцнежните историчари често ги сметале овие процеси за примитивна одмазда, но тие имале и политичка димензија. Правото да се суди и погубува било привилегија што ја покажувала моќта на локалните владетели. Во еден случај од 15 век, свиња поминала дури пет години во затвор пред да биде погубена, додека локалниот господар чекал дозвола да изгради бесилка – што на крајот било и симболична победа за него. За средновековните луѓе, Божјиот поредок подразбирал дека животните му служат на човекот. Свиња што убива дете била страшно извртување на тој поредок – и токму затоа, судот и јавното погубување се сметале за неопходни за повторно воспоставување на рамнотежата и правдата.