Книгата на нивниот нов крал беше изненадување за Данците, а националните медиуми реагираа со брзопотезно објавување пасуси од неа. „Светот на кралот“ вклучува мисли на Фредерик околу теми значајни за данското место во светот, но и поинтимни делови кои се однесуваат на неговата врска со сопругата, кралицата Мери.
Продажбата на книгата веќе оди подобро отколку онаа на минатогодишниот бестселер на најголемиот онлајн продавач во Данска, Саксо. Портпарол на фирмата изјавил дека тие продавале 25 примероци од неа во минута веднаш откако излегла веста за нејзиното објавување. Таа чини 33.50 евра и има 110 страници.
Во еден дел Фредерик вели дека како дете му било тешко да ја прифати реалноста, дека во иднина би можел да биде крал. „Сакав да бидам како сите други деца на моја возраст. Се сеќавам на мојот 18-ти роденден како на крај на светот. Тоа беше чувство дека сега сето она што беше забавно и возбудливо ќе заврши. За среќа, не беше така“, вели Фредерик.
Понатаму во книгата, кралот исто така зборува и за својата религиска припадност, велејќи дека тој и неговата сопруга родена во Австралија се молат со децата секоја вечер. За својот татко, починатиот принц Хенрик, вели дека бил „многу патријархален“ и дека се обидувал истите вредности да ги пренесе и на своите два сина.
Фредерик беше крунисан на 14 јануари, откако неговата мајка, Маргарета Втора, абдицираше на новогодишната ноќ по поминати дури 52 години на тронот. Церемонијата преку телевизија и во живо ја следеле околу 300.000 луѓе.