Тоа би било како денес Бред Пит и Анџелина Џоли барем за момент да се откажат од својот ѕвезден статус и да застанат на скромна сцена со локален аматерски клуб. Во февруари 1966 Ричард Бартон се согласил да ја игра главната улога во продукцијата на „Доктор Фаустус“ на Оксфордското универзитетско драмско здружение. Главната причина била неговата благодарност кон проф. Невил Когхил, кој две децении порано го промовирал талентот на Бартон, кога младиот Велшанец имал кратко актерско искуство додека студирал англиски на колеџот Ексетер на истиот универзитет. Тој пак ја поканил својата тогашна сопруга Елизабет Тејлор чија улога на Елена Тројанска (која додуша немала ниту една реплика) претставувала нејзино театарско деби.
Бартон и Тејлор се венчале две години претходно, и не само што се покажале великодушни со своето учество во претставата, туку изнајмиле и цел кат од хотелот Рендолф каде секоја вечер ги собирале младите актери. Иако станувало збор за нискобуџетна продукција, Тејлор на пробите доаѓала со своја гардероберка, фризерка, шминкерка и со телохранител. Атмосферата околу целиот настан била „наелектризирана“ и сите сакале да учествуваат. Сепак, за студентите кои им биле директни партнери на сцена на ѕвездите ова било секако и стресно, затоа што не се чувствувале слободно да сугерираат решенија или да се пожалат на нешто.
Бартон подоцна изјавил дека ентузијазмот на „момците“ од претставата бил заразен и дека тој се почувствувал многу помладо отколку неговите „сиви 40 години“.
Студентите продолжиле да живеат со приказната кога им бил платен лет до Италија за да се појават во нејзината филмска верзија тоа лето. Таа била дочекана со негативни критики, но приходот од театарската претстава биле искористини да се создаде Студио Бартон Тејлор во Оксфорд, кое и денес е популарно место за снимање на студентски и детски шоу програми и претставува постојан потсетник на времето кога Холивуд дошол во Оксфорд.