Равел (на фотографијата од забавата седнат на пијаното, Гершвин е најдесно) бил воодушевен од спонтаната изведба на неговиот колега на „Рапсодија во сино" на настанот, а во разговорот што следел изразил голема почит кон неговата природна дарба за мелодија, одбивајќи го барањето на Гершвин за часови по композиција.
„Подобро е да бидеш првокласен Гершвин отколку второкласен Равел, што би се случило кога би работел со мене", бил неговиот став.
Пријателството кое се развило помеѓу нив по оваа случка е отсликано и во едно необично преклопување - и двајцата починале девет години подоцна, во интервал од пет месеци, со тоа што Равел имал 62, а Гершвин само 38 години. Првиот починал од последици на невролошко нарушување наречено Пикова болест, ретка форма на прогресивна деменција која го оштетува мозокот, а Гершвин по исто така неуспешен обид за отстранување на тумор на мозок.
Ден по нивната средба на гореспомнатата забава Равел диригирал со Њујоршкиот симфониски оркестар во Карнеги Хол (чија сала, патем, е отворена на денешен ден, 5 мај 1891). Програмата ја завршил со La Valse, дело кое премиерно било изведено на истото место во 1922, но не како оркестарско туку како дело за пијано, во изведба на Димитри Тиомкин. Подоцна овој пијанист имал одлична кариера како филмски композитор, правејќи ги мелодиите за „Прекрасен живот", „Повикај У за убиство", „Точно на пладне" и „Оружјето на Навароне".
Инаку, барањето часови од негови колеги бил обичај на Гершвин - тоа му била „финта“ која многумина ја сметале за блеф, бидејќи тоа го правел на забави каде што се истакнувал со виртуозноста на пијано. Такви часови, меѓу другото, побарал од Шенберг и од Стравински. Антологиски е и одговорот на вториов - откако го прашал Гершвин колку пари заработува и овој му кажал некоја неверојатна сума, Стравински наводно рекол: „Тогаш јас треба да доаѓам на часови кај тебе".