Доколку сте посетиле eвропски замок од доцниот среден век, знаете како изгледа една типична спална соба на аристократ - во неа доминира огромен кревет, со орнаментирани завеси, богато извезени таписерии и меки перничиња со амблемот на сопственикот на имотот.
Сите овие елементи, во различни стилови согласно модните трендови на епохата, го правеле креветите и самата постелнина толку скапоцени што тие биле пренесувани од генерација на генерација. Не е необично тие да се споменуваат дури и во тестаменти од 14 век натаму. Средно богато семејство можеби имало само еден кревет со перјан душек и декоративна рамка што можела да го пренесе на потомците, но некои од најбогатите имале и по неколку кревети со комплетни „сетови“ скапи завеси и постелнини. Биле ценети дури и јамболиите, односно постелнината направена од волна.
Институциите како манастири или конаци можеле да имаат душеци, ќебе, чаршаф и обична перница односно подлога за глава. Во 1487 великодушен донатор оставил пари за да се вдомат неколкумина старци и на списокот навел и чашафи. Во овој период селаните веќе спиеле покомфорно и поткренати од земја - попис на мал селски имот од средината на 15 век покажува дека тој имал „три штици за кревети“, еден чаршаф и перници, како и неколку стари прекривки.
За скапоценоста на поквалитетната постелнина зборува и тоа дека британски свештеник, Вилијам Харисон од 1580, мрчел за новата генерација (и тогаш имало „снегулки“) кои се толку разгалени што сакаат да спијат само на пердуви. Во негово време, ако седум години по склучувањето брак човек можел да купи душек и вреќа со страци од пченка, тогаш се сметало дека успеал во животот. Перниците кај средно богатите се користеле само за болни. Што се однесува до слугите, тие имале среќа ако воопшто за нив имало чаршаф врз душекот од каде пробивала сламата и ги измачувала цела ноќ.