Последниве неколку години една специфична култура на допирање прерасна во вистинска епидемија, која особено брзо се прошири кај подгрупа хуманоидни примати познати под колективното име - политичар, и тоа српски.
Се двоумам всушност, уште тука, на почетокот, дали „култура на допирањето" е најадекватниот израз. Самиот го сковав како знаев и умеев, а вам не ви преостанува ништо друго туку, во недостаток на поофицијален термин, да се задоволите со таа засега единствена понудена формулација. Во секој случај, може да се каже без претерување дека таа појава со пипкањето кај српските политичари веќе полека достигнува алармантни размери.
Речиси и да нема блиска средба помеѓу нив (а познато е дека станува збор за изразито социјални битија кај кои меѓусебните контакти се прилично чести), а да не се оверат еден со друг со цела низа допири (и тоа по многу одредени делови на телото) следени со карактеристични гримаси.
На тоа всушност и не треба човек да му се чуди. Познато е отсекогаш дека тактилната, или хаптичката комуникација им е својствена како на приматите, така и на многу други цицачи. На пример шимпанзите преку взаемно поштење воспоставуваат силна општествена врска (you scratch my back, I scratch yours) и сигнализираат општествена структура, слоновите со фантазија ги користат сурлите, ушите, кљовите, опашката и стопалата во широк опсег на тактилни симболи, додека српскиот политичар со предните екстремитети во секоја прилика радо посегнува по рамениците и надлактиците на својот соговорник, нешто поретко по вратот, темето и образите, кога сака да пренесе една од трите елементарни поуки на оваа специфична хаптичка комуникација:
- донација ('ти ебав мамата')
- соработка ('им ја ебавме мамата')
- и субмисивност ('ми еба мамата')
Во богатството и софистицираноста на хаптиката заради некоја причина особено се истакнуваат политичарите од нашата сирота, и на два различни начина лажна левица (ДС-СПС). Иако, жива вистина, овој феномен се забележува на сите страни на нашето широко и многу разнолико политичко небо. Но сепак принципиелните и најинспиративните пипкачи се оние од левицата.
Познати се, да кажеме, до болка тактилните секојдневни изливи на СПС-овиот министер за инфраструктура Милутин Мркоњиќ кој себеси, како што се гледа, се смета за голем фраер и шмекер. Овој великан на обновата и изградбата развил еден многу специфичен зафат со десницата со кој, онаков каков што е огромен, му ја фаќа главата на соговорникот, ја искривува со дланката, а потоа трогателно му го поставува образот на сопствените гради.
Е сега, зошто, тоа баш не се знае. Еволуцијата секогаш претходи на нејзиното разбирање. Тимови научници вредно и секојдневно работат на тоа, но мистеријата уште не е разрешена. Но во секој случај, едно е сигурно: кога тој Мрка ќе те зграпчи, тогаш си негов и нема мрдање додека не те пушти!
Нема поважен српски политичар кој порано или подоцна, на бескрајна радост на собраните репортери, водители и фотографи, нема минато низ овој посебен Мркин третман. Различни луѓе (пардон: различни српски политичари) на тоа различно реагираат, но најдбро од сите познатиот чачански десничар Велимир Илиќ, кој барем според блажениот израз на лицето, онака баш субмисивно, подготовен на се' што евентуално му предстои, му се предава на мажевниот, доминантен и во беспаќата на српската иднина загледан Мркоњиќ.
Трогателно? Гадно? Глупо? Одлучите сами - но таа бизарна тактилност на Милутин Мркоњиќ не е осамен случај. Статистички податоци за жал не постојат, или барем мене не ми се достапни, но вака приватно склон сум да верувам дека српските политичари од најновата генерација според количеството на допирање се секако први во Европа.
Па добро, ај барем во нешто.
Некогашниот претседател Тадиќ, на пример, денес кандидат за премиер и покрај изборниот неуспех (така се прави тоа во Србија), исто така е еден истакнат пипкач. Но, за разлика од верниот коалиционен партнер Мрка, неговите допири се спонтани и искрени во онаа мерка во која е таква и неговата насмевка. Тој соговорникот го допира со нежност на робот, му го оверува трицепсот или подлактицата како машина за утврдување на квалитетот, а ја користи и секоја прилика да му пријде од зад грб за да му ги стави дланките на раменици и брзо да го стресе, што кај пипаниот (и тресениот) предизвикува бранови непријатност, инстинктивен отпор и дистанца.
Па зошто го прави тоа тогаш, зошто?!
Да признаеме отворено - ни тоа не е сосема јасно. Некои кои себеси се сметаат за стручни тврдат дека алфа-мажјакот Тадиќ така воспоставува доминација над слабиот сопарник. Можно е и тоа, не тврдам ништо туку само пренесувам, но едно е во секој случај сигурно: никој нема да му се предаде на Тадиќ, еве се обложувам, онака целосно и беспоговорно, како што сиротиот (и добро, мортус пијаниот) Велија Илиќ му се предаде спуштајќи го образот на градите јуначки на Милутин Мркоњиќ. Па нека пипка до судниот ден!
Но, колку и да е непријатен механичкиот допир на лидерот на демократите, од него таа чудна навика капиларно се пренесе по целата ДС. Потпретседателот на оваа странка, Драган Ѓилас, така, во последно време баш сака да допре или да потфати. Го гледаме дури и во овие постизборни денови, како со онаа глупа техника на Тадиќ од грб го допира и го тресе дури и самиот Тадиќ!
Е сега, како му се допаднало ова на Тадиќ, и дали постапката означува нешто многу важно на еден повисок план на оваа секако богата, повеќеслојна и често мистериозна хаптичка комуникација на српските политичари кои се наоѓаат во првобитна фаза на интензивниот развој - за жал, ни тоа не се знае.
Искрено се надевам дека умовите побистри од мојот, заради добро на човештвото, или барем на српскиот народ, или на што и да е, ќе ја решат оваа мистерија. Јас, ветувам, радо ќе пишувам за тоа.
автор: Владимир Арсенијевиќ
извор: Тпортал