Академијата на филмската уметност и науки има забрането повеќекратни номинации во одредени категории во некои од годините, но правилата прилично често се менуваат. Во текот на раните 1930-ти, на пример, правилникот предвидувал дека „Ниту еден поединец нема да биде номиниран повеќе од еднаш за какво и да е постигнување“, освен за најдобар филм. Крактите филмови очигледно биле исклучок, бидејќи како продуцент Волт Дизни често бил номиниран за повеќе од еден цртан во тој период.
Почнувајќи од 12-тите Оскари, правилникот предвидел дека „еден актер, режисер, тим сценаристи или сценарист без соработник“ можат да бидат номиниран само за едно дело во сезона. Денес, актерите можат да бидат номинирани за една улога по КАТЕГОРИЈА (на пример најдобра актерка и најдобра споредна актерка во истата година за различни филмови - и ова се има случувано). Но на режисерите дупликатите им се дозволени - Стивен Содерберг беше номиниран за најдобар режисер и за „Ерин Брокович“ и за „Трафик“ во 2001 (го доби за вториот).
Во минатото, не сите категории биле ограничени на само пет номинации. Во 1942, на пример, имало неверојатни 20 номинирани за музика во драма (пет биле дупликати) и 10 за саундтрак на мјузикл (без дупликати). Сега има само една категорија за сите видови музики, но некои композитори се уште можат да бидат повеќекратно номинирани годишно (тоа му се има случено на Џон Вилијамс дури осум пати).
Дупликатите најчесто се случуваат во категории кадешто луѓето работат во тим, како звук, визуелни ефекти, продукциски дизајн. Дури и категоријата „најдобар филм“ има собрано доста дупликати, бидејќи филмовите вообичаено имаат повеќе продуценти. Така, Ема Тилингер Коскоф во 2020 беше номинирана како продуцент за два филма во оваа категорија - Џокер и Ирецот.
На сајтот на Ментал Флос се наведени повеќе вакви случаи од 1932 до 2020. Најчести дупликати изгледа дека има во сферата на музиката (или конкретниот автор е навистина добар или како и во други области просто му е актуелно името), но има и примери со кинематографери, како Роџер Дикинс кој во 2008 бил номиниран и за „Убиството на Џеси Џејмс од кукавицата Роберт Форд“ и за „Нема земја за стари“.