Една вечер во мај 1934, бројна публика го наполнила аудиториумот во пристанишниот град Шчечин, денес во северозападна Полска. Тогаш градот бил познат како Штетин, и бил главен на државата Померанија во нацистичка Германија. Гледачите се грабале за седишта под големиот лустер. Светлата во Градскиот театар се замрачиле, а завесата се кренала за изведбата на „Хеда Габлер“ на Хенрик Ибзен.
Насловната улога, трагичната антихероина на Ибзен, ја играла Агнес Штрауб, раководителка на ансамблот кој го носел нејзиното име. Во текот на првиот чин публиката била мирна. Но кога на сцената излегол актерот кој го играл судијата Брак, страсниот стар ерген во претставата, со својот бастун, монокл и густ мустаќ, целата сала еруптирала со погрдни повици.
Актерот што го играл Брак бил Лео Ројс, единствениот член на трупата кој бил Евреин, згоден маж со темни очи и остра вилица. Како и Штрауб, Ројс бил познат на германската сцена. Обајцата настапувале во популарни кабаре-претстави, како и во левичарските театри во Вајмарската ера во Берлин, а на два пати биле и во романтична врска. Сега биле на турнеја со екипата на Штрауб, воодушевувајќи ги критичарите и полнејќи ги провинциските театри.
Но Германија нагло се смрачувала. Хитлер дошол на власт една година претходно, а тој во својот фокус ја имал културата. Без уметност во духот на нацизмот, Германците според него би загубиле „поголем дел од својата крв“. Таа вечер, кога од публиката се слушнале навреди, тоа било во организација на Штурматајлунг, група антисемити. Прекинувањето на изведувачите-Евреи било нивна тактика уште од 1920-тите, при што правеле листи на актери за вербален отстрел, меѓу кои сега се нашол и Евреинот Лео Рojс.
Но ова било само почеток на таа кампања. Во септември 1935, нацистичката влада ги изгласала Нинбершките расни закони, кои го забраниле сексот или бракот помеѓу Евреи и не-еврејски Германци, а го предвидувале и тоа дека само Германци со „ариевска“ крв би можеле да бидат граѓани на Третиот Рајх. Така, врската помеѓу Ројс и Штрауб станала илегална. Тој наскоро ја напуштил Германија за Виена.
Помалку од три години подоцна, Германија ја анектирала Австрија и ситуацијата за Евреите таму станала тешка. Владеачката националистичка партија всушност и не го сметала Ројс за Австриец. Иако пораснал во Виена, неговото родно место било Галиција, регион од Австро-Унгарската империја кој бил апсорбиран од Полска по Првата светска војна. Тоа значело дека од аспект на државата, Ројс бил безземјаш, што подразбирало и дека не смее да работи во Виена.
Така, тој одлучил да се скрие пред очите на сите.
Свесен дека како јавна личност е препознатлив, ги искористил сите свои вештини за да се трансформира, од бојата на косата до дијалектот. Таков продолжил да се пријавува на аудиции за улоги, но ретко кој го ангажирал. Пролетта 1935 одлучил да замине од Виена и да се насели во планините.
Неговата љубовница Штрауб имала купено куќа во австриските Алпи, каде парот во подобрите времиња одел на одмор и ги вежбал улогите. Сега Ројс бил сам и не бил на одмор. Како последен обид за преживување, тој пуштил брада, го усовршил локалниот дијалект и ги избелил сите влакна, од глава до петици.
Навечер, играл тарот со Каспар Алтенбергер, локален фармер на кој Штрауб му плаќала да се грижи за куќата кога била празна. Ројс му го кажал планот и oвој се понудил да помогне. Му ги позајмил своите документи - пасошот и изводот од матичната книга. Ројс сега имал нова официјална „персона“. За сепак да го заштити својот заштитник, тој му ветил дека кога властите ќе му ги побараат документите, тој ќе им го даде пасошот на Каспар Алтенбергер. Но дека пред својата публика ќе настапува како Каспар Брандхофер.
Со обелена коса и целиот брадосан, Ројс се симнал во долината. Неговата дестинација бил летен фестивал во Салзбург, основан од Макс Рајнхарт, веројатно најзначајниот режисер во Германија и Австрија во тоа време. Ројс никогаш не работел со Рајнхарт (кој исто така бил Евреин, а подоцна избегал во Холивуд). Преправен како Брандхофер, се обидел да го најде во гужвата на фестивалот и да го потсети на своето писмо кое го испратил до неговата сопруга претходно, барајќи средба:
„Јас сум добростоечки фармер, но уште од дете знаев дека морам да бидам актер. Сега ве молам: дајте ми десет минути, за г-динот Рајнахрт да види дали ме бива“
Сопругата одговорила дека ќе има официјална аудиција во Салзбург, каде ќе го очекуваат. Средбата и аудицијата поминале и подобро од очекуваното. Ројс и Рајнхарт минале цели пет часа заедно. Наводниот фармер изведувал монолози од Вилијам Тел, Магбет и Фауст. Режисерот бил сериозно импресиониран и несвесен дека човекот пред него всушност игра улога во улога. Му напишал писмо на препорака, и му ветил дека ќе го ангажира при следната продукција.
Следниот чекор за Ројс бил уште поодважен. Преминувајќи во нацистичка Германија со лажните документи, тој допатувал во Берлин, каде нештата не поминале како што треба. На аудиција за „Хамлет“, режиесрот го препознал - „Тоа не беше фармер од Инсбрук, туку еврејскиот актер, човекот на Штрауб. Пот му се слеваше од челото. Го видов неговиот смртен страв“ - раскажувал подоцна.
Ројс морал да избега од Берлин. Се вратил назад во Виена и успеал да добие улога во театарот Јозефштад, каде го ангажирал режисер кој, иронично, претходно го имал одбиено кога Ројс бил уште под своето вистинско име. Сега, во својата нова, двојна улога, на пробите доаѓал со наци весник во рака, а на ручеците се мачел да користи нож и вилушка (демек на планина јадел со раце). Се дружел со екипата зад сцената, а често го фаќале напади на „носталгија“ по кравите и овците, до таму што дури и пуштал солза по нив.
Претставата за која се подготвувал била „Фројлајн Елза“, направена според новела на австрискиот Евреин, Артур Шницлер. На премиерата критичарите биле полни со пофалби за изведбата на Ројс, односно Брандхофер. „Брилијантно, мајсторски, прекрасно“ - биле насловите на статиите во кои се фалеле неговите таленти.
Но неочекувано, оној што го препознал бил синот на Шницлер, Хајнрих, кој бил продуцент на поставката. Тој веднаш го поткажал. Гласот се раширил, и иако самиот режисер сакал да го сокрие овој факт, групата актери инсистирале да ја информираат јавноста. Театарот објавил соопштение објаснувајќи дека Каспар Брандхофер бил всушност актерот Лео Ројс. Му било дозволено да продолжи со улогата, додавајќи го презимето Ројс на Брандхофер.
Откритието било скандалозно, иако Ројс имал и голем број поддржувачи. Сепак, десничарските медиуми, истите оние кои пред само неколку дена претходно ја славеле неговата изведба, сега во ова гледале доказ за „карактеристичната еврејска изопаченост“ и барале властите да го обвинат за измама.
Навистина, на 19 јануари 1937, Ројс, се уште со русата брада, носејќи елегантно црно одело, влегол во виенска судница да се брани од обвинението за користење лажни документи. Просторијата била преполна со колеги, фотографи и новинари. Пресудата била 48 часа затвор и две години условно, како и 100 шилинзи парична казна. Иако делувала како мала, ова всушност била голема казна за актерот кој од тогаш натаму можел да настапува само во помали, јидиш театри. Виенската културна елита, која толку топло го пречекала Каспар селанецот, го изгонила Лео Евреинот.
Сепак, неговата кариера ќе тргне во неочекувано позитивен правец кога Луис Мајер, уште еден Евреин роден во Источна Европа, кој веќе изградил кариера во САД како основач на холивудските студија Метро-Голдвин-Мајер, ќе го повика да се придружи на американската филмска индустрија. Ројс потпишува договор со Ем-џи-ем, и почнува да снима под името Лајонел Ројс.
Она што е интересно е што првата улога, во 1939, му е во првиот анти-германски пропаганден филм направен од големо студио: „Исповеди на еден нацистички шпион“, во кој Ројс игра - нацист! Од тогаш натаму, имигрантот со тежок акцент добивал голем број улоги на Германец. Во тек на повеќе од 40 филмови, тој играл нацистички поручник, нацистички воен командант, како и чувар во концентрационен логор.
Ројс починал од срцев удар во 1946, на возраст од 55 години, додека ги забавувал американските трупи на Филипините. Неговиот последен филм бил во „Гилда“ со Рита Хејворт. Сепак, никаде во некролозите не била забележана целосната приказна за овој интересен човек.