Кога мажите облекле фустани за да протестираат против повисоки даноци

Во ноември 1843, значи пред 180 години во Велс владеела турбулентна политичка клима поради високите даноци кои требало да ги плаќаат земјоделците. Гневни, тие нашле начин како да привлечат внимание, но не само како пародија, туку и како реална бунтовничка симболика.

Земјоделците погодени од високите давачки кон државата во Велс во 1843 почнале да се бунтуваат, главно со напади врз патарините и државните службеници и функционери. Настаните биле наречени Бунтовите на Ребека, а самите востаници „Ребекини ќерки“, иако станувало збор за мажи, само облечени во женски облеки.

Поврзаноста е во толкувањето на стихот од Стариот завет, книга Битие 24:60, каде се вели: „Ја благословија Ребека и ѝ рекоа: Сестро наша, да се умножиш на илјади и илјади и потомството твое да завладее во градовите над непријателите“. Сепак, ова е само претпоставка, а вистинската причина за изборот на името не е позната.

Патарините во Британија биле воспоставени во доцниот 17 век како начин за собирање средства за одржување на јавните патишта. Тие биле регулирани од Трнпајк Траст-ови, државни органи воспоставени од парламентот.

Овие патарини претставувале големо бреме врз и онака сиромашните луѓе. Тие се жалеле до надлежните но генерално биле игнорирани. Оттаму, патарините станале симбол на опресија, уништувани од Ребекаитите, чиј прв напад се случил на 13 мај 1839, но со најинтензивни акции околу спомнатата 1843-та.

Протестантите биле главно млади мажи, земјоделци, селски слуги и фармери. Но ним им се придружиле и не-земјоделците од тогаш веќе индустријализираните региони. Изборот на женска облека некои го толкуваат како начин да се сокрие вистинскиот идентитет на востаниците. 

Сепак, Ребекините протести биле повеќе од само отпор кон даноците. Тие биле генерална реакција кон социо-економската реалност, слабите приноси, високите ренти и различните други такси и давачки. Кон крајот на 19 век, иако со смален интензитет, слични видови протести почнале да се однесуваат на други теми, на пример на незаконскиот лов на лосос на реката Вај. 

Концептот на Ребека и неговото наследство е живо и денес во Велс и инспирира бројни активистички акции кои се инспирираат од некогашните востаници.

извор

6 декември 2023 - 11:10