Кога јутјубери стануваат писатели

Пред некое време едно (наше) осумгодишно дете нè остави без зборови кога на стандардното теткинско прашање „Што сакаш да станеш кога ќе пораснеш?" брзопотезно изјави - јутјубер! Нему, за разлика од нам, му е сосема јасно дека се работи за респектабилна, атрактивна и над сè профитна професија. Плус сега вклучува пишување книги.

PewDiePie е дечко кој игра видео игрици, се снима дур го прави тоа сосе неговите коментари, и го постира тоа на Јутјуб. Звучи чудно, но човекот пред еден месец одбележа 1 милијарда (?!) прегледи на неговиот канал.

Тој е истовремено еден од тројцата јутјубери со тазе објавени книги, кои заради нивните онлајн фанови веднаш станаа бестселери. Неговата се вика „Оваа книга те сака", а во неа тој дели хумористични и позитивни совети, вклучувајќи „Никогаш не заборавај дека си убав споредено со риба" и „Секој ден е нов свеж почеток за останување во кревет".

Со самиот факт што ПјуДајПај има над 40 милиони „следбеници" на Јутјуб, тој располага со многу поголема публика отколку било кој весник, па дури и повеќето ТВ шоу емисии. Секое видео кое ќе го постира во моментот има над милион прегледи. За издавачите ова е потенцијален златен рудник. Еден од нив е Keywords Press, кој објавува исклучиво дела на дигитални славни личности.

„Ако книгите сакаат да опстанат и да бидат дел од релевантниот културен муабет, тие мора да знаат каде се одвива муабетот, а книгите да бидат напишани од луѓето кои го водат главниот збор", велат од издавачката куќа, која веќе има издадено еден хит - „Се мразам себеси" од исто така хипер-успешниот јутјубер Шејн Досон (чии видеа вклучуваат реакции на кроејска поп музика, дегустирање грицки и кисели бонбони). Оваа книга помина седум недели на бестселер листата на Њујорк Тајмс, а почнува со есеј во кој човекот објаснува зошто не го сака ликот кој самиот го создал кога го отворил јутјуб каналот, на 19-годишна возраст.

На почетокот постоел сомнеж дека децата кои гледаат Јутјуб би биле заинтересирани да читаат книги. Но како што изгледа, тие не само што сакаат да читаат, туку сакаат и да ја имаат физичката копија од книгата од авторот на кого му се восхитуваат. Во деновите кога се промовира некоја од овие нив, во книжарниците знаат да дојдат и по 4,000 деца.

Жанрот на книгите кои ги пишуваат јутјуберите е различен - некои се мемоари, други книги за самопомош, готвачи, па и фикција. Ова е нов феномен, но по се изгледа, и покрај првичното „пфф" кое го предизвикува, треба да се земе сериозно.

17 ноември 2015 - 15:21