Ако има нешто што е константа во човечката историја, тоа се природните катастрофи. Некои од нив се случуваат без предупредување, и тогаш опстанокот главно зависи од среќа. Но често постои шанса за бегство и спас, доколку човек знае што точно треба да прави, и ако тоа го направи брзо.
Од искуствата од ваквите настани тешко се учи, бидејќи катастрофи од големи размери (за среќа) не ѝ се случуваат баш на секоја генерација. Но затоа постојат народни приказни, митови и легенди, кои не служат (само) за забава, туку за пренесување важни животни колективни знаења за тоа како функционираат нештата, меѓу кои и такви кои имаат врска со излегување на крај со катаклизми. Со нив до скоро се занимаваа само етнолози и антрополози. Но во последно време климатолозите и геолозите почнаа да обрнуваат повеќе внимание на тоа како домородните народи ги разбираат природните и климатските промени, и како се подготвуваат за нив.
Пионер на ова поле била Дороти Виталијано, геолог од Универзитетот во Индијана, која уште во 1968 ги проучувала митовите кои раскажувале за реални геолошки настани. Древните санскритски митови, на пример, зборуваат за тоа како цели градови потонале под удар на бранови, кои ги имаат сите карактеристики на цунами. Платоновата приказна за утописката Атлантида, уништена од божествата во оган, можеби се однесува на вулкан кој делумно го уништил грчкиот остров Тера, пред повеќе од 3500 години.
Виталијано ги објавила нејзините истражувања на оваа тема во списание од областа на фолклорот, а не на геологијата. Но неколкумина геолози денес работат на тоа древните приказни да станат релевантен научен извор. Така, Брајан МекАду, проучувач на цунами, ја започнал кариерата истражувајќи ја длабочината на океаните во хај-тек подводни пловила. Работејќи на северниот брег на Папуа Нова Гвинеја, тој почнал да контактира со локалните племиња кои му раскажувале традиционални приказни за земјотреси и цунами од минатото. Голем број од нив содржеле упатства за спасување во вакви ситуации. Едно од нив, кое се повторува во повеќе вакви нарации во различни култури е многу едноставно и гласи: ако водата се повлекува по земјотрес, веднаш бегај на повисоко. Ова нема никаква врска со богови или со натприродни сили, туку е резултат на искуство вградено во митови. Се верува дека еден таков мит од Индонезија е заслужен за тоа што при земјотресот и цунамито од 2004 на островот Симеулуе, на кого живеат повеќе од 80,000 жители, имало само седум жртви.
За разлика од вакви природни катастрофи кои се случуваат одеднаш и со огромна сила, глобалното затоплување напредува релативно бавно и со децении, иако тоа не значи дека неговите последици не се подеднакво смртоносни. За да се избори со нив на човештвото му е потребна не само напредна наука, туку и нови нарации, кои ќе им го пренесат она што денес го знаеме на идните генерации, подготвувајќи ги (и) за полошо.
Извор: Aeon