Компаниите кои создаваат мапи постојано се соочуваат со проблемот на пиратирање. Се мачите да изработите асална карта, внимателно ги бирате боите, проверувате дали сите градови, реки и планини се на место...и после доаѓа некоја туристичка агенција и си го става името на вашата мапа.
Ја давате на суд, и судот бара доказ дека тоа е токму вашата мапа. А тоа и не е така лесно да се докаже како што изгледа на прв поглед - постои реален свет, некаква географска ситуација, па која и да е мапа која прецизно ја отсликува ќе личи како јајце на јајце на која и да е друга иста таква. Значи оној кој ја испиратирал излегува „виновен“ само за опишување на истиот свет кој и другата мапа го опишува. Сето ова звучи логично, и оној кој неовластено копира најверојатно би се извлекол. Освен ако оригиналниот производител не направи финта.
Токму тоа и го направиле Ото Г. Линдберг, директор на General Drafting Co., и неговиот асистент Ернест Алперс, во 1930. Тие додека ја подготвувале авто карта на државата Њујорк, на едно место „среде ништо" ставиле измислен топоним, Аглое, мешавина на првите букви од нивните имиња (ОГЛ и ЕА).
Неколку години подоцна Rand McNally, славната компанија за мапи, ја издала својата авто карта на државата Њујорк. Погодувате, на неа го имало Аглое. „Ве фативме!", си рекле Ото и колегата. Ама МекНали на суд дошол со неверојатно објаснување.
Тој изјавил дека неговите дизајнери, водејќи се од официјалната мапа на таа област, на означените координати на местото наречено Аглое нашле зграда, и таа зграда се вика Agloe General Store. Ако има таква продавница, значи има логика да постои и такво место. Инаку, од каде на сопствениците би им текнало така да ја крстат?
Добро прашање. А еве го и ироничниот одговор. Сопствениците ја виделе ознаката „Аглое" на мапата дистриубирана од бензинските пумпи Esso,каква што имало и во нивниот крај. Ако мапата вели дека местото се вика така, добро, тогаш така ќе се вика и нивната продавница. Тоа е моментот кога едно измислено име за измислено место, станало вистинско име на вистинско место. Затоа било логично тоа повторно да се најде на мапата, исто како што било логично Линдберг да го загуби случајот.
Местото на таа карта стоело додека постоела и продавницата, која е одамна затворена. Но до скоро било нечепнато на Гугл мапс (види фото), односно сè до излегувањето на неодамнешен блог пост на оваа тема, под наслов „Аглое: градот од хартија кој е посилен од фикцијата". Приказната очигледно дошла до некој кој конечно го избришал местото, кое всушност никогаш и не постоело. Но картографските патишта се чудни, па можеби тоа повторно ќе се појави некаде каде најмалку го очекуваме.