Преку истражување на сложените начини на кои дебелината, салото и дебелеењето биле сфаќани во текот на историјата, Кристофер Е. Форт во неговата нова книга „Дебелина: културна историја на животната материја“ (Fat: A Cultural History of the Stuff of Life) покажува како дошло до тоа облините и салото најпрвин да бидат асоцирани со виталност и плодност, до тоа тие во современоста да бидат толкувани сосема обратно - како здравствен ризик и естетско нагрдување на телото.
Палеолитските фигурини на Вилендорфската Венера, кои датираат од пред околу 30.000 години според денешни критериуми се прикази на жени со прекумерна телесна тежина, кои ни од далеку не би можеле да бидат „убави“ или „секси“. Но салото, мрсното и дебелото за луѓето од минатото значело здравје и живот - тие ги користеле ваквите животински делови за сè, од храна, до осветлување и лекување. Особено за оние наши предци кои живееле во услови на студ и мраз, да се има резерви сало значело да се преживеат суровите климатски услови.
Врската помеѓу дебелината и опстанокот почнала да се менува по топењето на ледениците и воспоставувањето на аграрните општества. За Грците и Римјаните салото станало својство на „морално меките“, наспроти идеалот на спартанскиот војник и римскиот војсководач, кои барем на идеално ниво биле ценети заради аскетскиот начин на живот, воздржувањето и атлетските способности.
И во време на христијанството прекумерната телесна тежина претставувала (буквално) тежок и „валкан“ квалитет, истовремено непожелен и анимален. Акцентот бил ставан на душата и на животот по смртта, а духовниот и физичкиот „транспорт“ на оној свет секако изгледал полесен за оние повитките. И покрај тоа што ренесансата расчистила со религијата и го ставила човекот во центарот на светот, тој човек - припадникот на високата средна класа и на благородништвото - сепак требало да јаде „чиста“ храна и да работи на својот изглед и здравје. Тежините и мерките станале стандардизирани, што на луѓето им овозможило да ги квантифицираат своите тела.
Набргу „алтернативните“ телесни облици на другите континенти, особено во Африка и Индија, биле етикетирани како морално инфериорни и „нечисти“. Додуша, егзотичните идеи за затворените жени во далечни хареми, чија единствена дневна активност била да конзумираат колку што е можно повеќе, и на тој начин да станат што по „округли“ и посензуални, ги дразнела фантазиите на западњаците.
Денес со дебелината се поврзани куп стереотипи кои подразбираат вина на дебелите за сопствената состојба, недостаток на морална цврстина и на самодисциплина. Цела армија фармацевти, нутриционисти и фитнес-тренери стојат на располагање за исправање на „дебелиот“ на вистинскиот пат - на виткото тело и здравиот дух. Оваа книга ја трасира историјата на ваквиот наш однос кон корпулентните тела, и што сè е загубено со прогласувањето на дебелите за етички и естетски инфериорни. На пример, нашиот раат.