Историјата на врската помеѓу музиката и науката, особено математиката е долга - уште древните култури ги истражувале математичките принципи на звукот, односот помеѓу музичките скали и математичките пропорции. Современата наука и музика одат чекор понатаму, па ги истражуваат невролошките корени на музиката и познанието, како и начинот на кој науката може да ја инспирира уметноста.
Во недела, 28. јули, BBC 4 ќе прикаже нов документарец, „Кога Бјорк го сретна Атенборо" чија цел е да ја раскаже приказната за еволуцијата на музиката, нашиот однос кон неа, и начините на кои тој однос ќе се развива во иднина под влијание на технологијата.
Славната Исланѓанка ја почна „медитацијата за врската помеѓу музиката, природата и технологијата" со експерименталниот албум Биофилија. За него беа изработени специјални инструменти, а песните се однесуваа на природните феномени - „Месечина" се состоеше од повторливи музички циклуси, а „Грмотевица" од арпеџа инспирирани од моментот кога ќе ја видите молскавицата до звукот на громот.
Во новиот документарец таа, заедно со познатиот природонаучник, 87-годишниот сер Дејвид Атенборо, истражува повеќе аспекти на постоењето на музиката во природниот свет, залагајќи се за примена на најсовремена технологија, која според неа овозможува музиката да остане непосредна и интуитивна.
Повеќе за проектот тука.