Кога болшевиците дошле на власт по октомвриската револуција од 1917, филозофот, математичар и нобеловец Бертранд Расел во ова видел „еден од најхеројските настани во светската историја“. Како што ќе напише во својата книга од 1920, „Практиката и теоријата на болшевизмот“: „Најзначаен аспект на руската револуција е обидот да се оствари комунизмот. Верувам дека тој му е неопходен на светот, и дека хероизмот на Русија ги поттикнува надежите на човештвото за негова реализација во иднина.“
Сепак, и покрај овој ран ентузијазам, Расела почнала да го загрижува ригидната доктрина на болшевиците и нивните насилни методи. Во мај 1920, неколку месеци пред завршувањето на спомнатата книга, тој ги посетил Петроград и Москва со делегација на британските лабуристи. Во неа потоа опишал дека во Русија заминал како комунист, но контактот со тамошните комунисти многукратно му го зголемиле скептицизмот, не кон теоријата на комунизмот, туку во однос на естремноста на уверувањата на оние кои требало да го спроведат.
„Суровоста, сиромаштијата, прогонувањето, беа во воздухот кој го дишевме. Нашите разговори постојано беа следени. Среден ноќ се слушаа истрели, и знаевме дека идеалистите беа убивани во затвор. Имаше лицемерно преправање дека сите се еднакви, сите беа нарекувани товариш, но сепак оставаше впечаток колку различно беше изговаран овој збор согласно лицето на кого му беше упатуван, дали стануваше збор за Ленин или за мрзлив слуга.“
Набргу откако пристигнал во Москва Расел имал едночасовен разговор со Ленин, во неговата спартански уредена канцеларија во Кремљин. „Собата на Ленин е многу празна“, пишува Расел во книгата, „содржи голема маса, неколку мапи на ѕидовите, две полици за книги, една удобна столица за посетители, и уште две-три понеудобни. Очигледно е дека тој не го сака луксузот, па дури ни удобноста.“
Во овој аудио клип преземен од интервју од 1961, стариот филозоф открива две нешта кои смета дека го дефинирале Ленин како карактер - ригидната идеолошка определеност, и склоноста кон „игрива суровост“.
Неколку денови по смртта на Ленин, на 21 јануари 1924, помалку од четири години по нивната средба, Расел објавил текст под наслов „Ленин: импресија“. Можеби раководен од она „за мртвите сè најдобро“, тој сепак му оддава признание како една од најголемите историски фигури по Првата светска војна, во рангот на Ајнштајн, градител на филозофски систем во пракса.
Дека Расел имал топло-студен однос кон целата работа, која од една страна го фасцинирала, а од друга го ужаснувала, покажува и тоа дека во 1956 објавил есеј под наслов „Зошто не сум комунист?“. Но овој пат оној кој дефинитивно му ги уништил надежите за хуманиот комунизам не бил Ленин, туку товариш Сталин.